Групата „Бернајс пропаганда“ се нашла како добитиник на пари за концерт во резултатите од Годишниот конкурс за поддршка на проекти од национален интерес за 2018 година, иако за такво нешто воопшто не конкурирала.
Проектот „Концерт на македонската група Бернајс пропаганда“ во Македонската филхармонија добил 276.000 денари, околу 4.000 евра, за концерт кој е предвидено да се одржи на 27.04.2018.
За овој скандал веќе пишувал хрватскиот магазин за поп-култура „Равно до дна“ објави текст со наслов „Измамени ‘Бернајс пропаганда’: скандал во Министерството за култура на Македонија“.
Членовите на групата се сомневаат дека станува збор за измама или проневера на средства од, засега непознати лица, кои го користеле името и меѓународниот углед на македонската инди-рок група.
Гитаристот Васко Атанасоски од групата вели дека бил направен разговор за таков проект минатата година со претходното раководство на Филхармонијата.
„Атанасоски тврди дека за време на мандатот на Маја Чаначевиќ (како директорка на Македонската филхармонија) пролетта, 2017 во неколку наврати се јавиле за да биде разгледана можноста за концерт на Бернајс пропаганда во декември истата година. Во меѓувреме Чаначевиќ беше сменета од позицијата дикректор, а на нејзино место дојде Виктор Илиески и сѐ падна во заборав“, пишува Ravno do dna.
„И потоа синоќа Министерството ги објави резултатите и бевме зачудени од тоа што се случи. Се јавивме во Филхармонија, но и тие беа затечени, бидејќи не знаеја ништо во врска со тоа, но подоцна рекоа дека некој конкурирал во наше име, но не знаат кој. Сега бараме да ни ја пратат апликацијата и целата документација, но засега нема ништо“, стои во изјавата на Атанасоски за Ravno do dna.
Во меѓувреме, актуелниот директор на Македонската филхармонија, Виктор Илиески, ги поканил на состанок членовите на групата „Бернајс пропаганда“, да се најде начин како да реши проблемот.
Филхармонијата, пак, испланирала концерт на 26 април „Годишни времиња – Пјацола vs. Вивалди“.