Медиумите во Македонија личат на каца со недоарчена зелка во касна пролет.
Смрдат. Медиумите се картонски кутии на кои пред зелениот пазар на нацијата се продаваат валканите гаќи на политичката елита. Како чисти. Медиумите се машини за мелење на месо во кои од луѓето се добива свинско. Медиумите се тежок хлор што се спушта во домовите на граѓанството и таму, од простата маса, се произведуваат живи мртовци. Таква е дозажата. Слободни се само мртвите медиуми. Живите не се слободни. Ниту, пак, слободата ги интересира.
Освен како нешто што треба да се гуши, изопачува и одмилува.
Слична е ситуацијата и со новинарите. Слободни се само мртвите журналисти.
Живите се занимаваат со други спортови. Односно не се новинари. Сѐ е мртво, одумрено. Живи се само здруженијата, синдикатите, факултетите, високите и не толку високите школи и грижата за реформите во медиумите и во новинарството. И бројните трибини, пригодните говори за улогата на слободните медиуми во развојот на демократијата. Блаблабла!
Остана само уште мониторингот врз мртвата професија. Како некоја попска служба која одвреме-навреме на мртвите им кажува што се треба да направат за да се вратат меѓу живите. Курац фини ќе се вратат.
Убиено новинарство
Македонецот обожава да ја игнорира стварната стварност затоа што ја почитува својата инерција која го тера постојано да се секса со нешто што не постои или во меѓувреме исчезнало. Или тој му дава функции што нештото ги нема. Како радијаторот на кој закачил табла на која пишува „Пичка“. И општи. Понекогаш, поради биолошките или социолошките и културолошките закони и закономерности, а понекогаш затоа што тој самиот го убива тоа што потоа во својата политичка активност го смета како живо. Затоа што таа слика го води. Не можете да му служите на Ѕинго и да бидете новинар. Или на Груевски, на Стојменов, на Ибица, на Срчан.
Овие новите властодршци и нивните партнери ја вршат истата функција со тоа што не ги гибаат ниту новинарите ниту медиумите. Тие се легалисти што не сакаат да ги уриваат концентрационите логори на смртта бидејќи се законски изградени од страната на горната екипа. Тие мускетари на транзицијата не само што ги убија новинарството и медиумите, туку ја убија и културната основа која денеска не е во состојба да даде макар и најмали надежи дека е можна некаква обнова.
Освен ако некој не го соочи општеството со тој драматичен факт. Но, не, ние ќе го решаваме проблемот со закони во кои ќе напишеме дека медиумите се слободни и дека никој нема право на новинарите да им ги пали џиповите и да им носи венци пред домовите. Како може да се реши ситуацијата што не ја признаваш, не ја сфаќаш, со средства на кои таа ситуација е резистентна!? Така е и со сѐ друго.
Се реформира школството кое нема врска со животот, се шминка фабриката за минимизирање на шансите на децата и младите со поправки на крововите и во вецеата, со исправање на грешките во учебниците и со слични помади така што по реформите ќе биде поуспешно во својата основна дејност: хендикепирање и давење на младите генерации во океани од бесмисла и тортура.
Или, еве, земете го прашањето за името.
Македонија се однесува без елементарен респект спрема растуреноста на својот субјективитет. Второ, таа оди во решавањето на проблемот без најелементарна анализа на своите капацитети и без нивна екстраполација во разни варијанти.
Планот „бе“ за кој зборува Заев е како планот „бе“ од вицот за Шекеринска. Демек, отишла Шекеринска да скока со падобран. Генералот што ја придружувал, ја предупредил:
– Ако не ви се отвори падобранот, преминувате на планот „бе“!
– Да, рекла Шекеринска, се враќам во авионот!
– Така е – рекол генералот и со нежен допир по грбот, ја охрабрил министерката да скокне.
Сосема друга димензија
Планот „бе“ е тотално игнорирање на внатрешната суштина и капацитети на Македонија, тешка форма на самоизмама и на политичка неодговорност. Ако Македонија не сака или мисли дека е оневозможена да оди во Европа (план А) граѓаните на Македонија ќе сакаат (план Ц) што значи дека планот Б ќе остане да биде план за државните пљачкаши и нивните копродукциски партнери, за старите над сто години, за болните и за по некоја ептен будала од Унијата на неосудуваните лица на ВМРО-ДПМНЕ! Со внимание, од Берлин, Париз и Даблин, ќе ги посматраме реформите што ќе си ги прават во татковината и одвреме-навреме ќе организираме протести за зачувување на македонскиот идентитет и дигнитет!
Не можете да го решите тоа прашање ако одите по состаноци со класичниот пакет: достоинство, компромис, идентитетот, туку ако излезете од тој формат, ако направите подвиг да се издигнете над појавноста на нештата, не за да формулирате свет без достоинство и идентитети, туку свет во кој тие работи се формулираат на нов начин и ќе имаат сосема друга димензија. Не со помош на народот, туку против него. Не со идејата за референдум меѓу народот кој самиот за себе тврди дека е необразован, глуп, неписмен, прост, тупав, хистеризиран со измиен мозок, без деловна способност да носи рационални решенија, туку со преземање политичката одговорност.
Кој и каков е тој подвиг!?
Македонецот мора да го урне оклопот на своето саморазбирање, бидејќи со него се бори како средновековен крстоносец со специјалците на светот. Да премине од ларва во пеперутка, од ластар во грозје, од грозје во вино.
Република Горна Македонија ги известува Брисел, Вашингтон, Берлин, Париз и Лондон како и соседите дека респектирајќи го историскиот момент, геополитичкиот контекст и потребата за влез на земјата во нова димензија, реши да го смени уставното име на државата со додавање географска одредница, да го смени и Уставот и дека прифаќа промената да е ерга омнес. На тој начин Република Горна Македонија дава свој придонес да се реши долгогодишниот спор со Република Грција, односно го смета за решен. Врз основа на оваа декларација Горна Македонија бара прием во НАТО. Имплементацијата на оваа декларација следи низ дебата и политичка борба во Собранието. Во меѓувреме, трајни гаранти за промените се Европската Унија и САД. Истовремено, Горна Македонија бара средствата што се потребни за имплементација на промените во износ од десет милијарди долари, да ги обезбеди меѓународната заедница.
П.С.
Бонус виц
Отишол Заев по риби.
На прво фрлање го фатил Христијан Мицковски, сом од околу 80 килограми.
– Ако ме пуштиш – рекол сомот – ќе те префрлам на планот Б!
Тука снимката се прекинува така што не се знае дали Заев останал на планот А а од Мицковски направил рибји паприкаш или го пуштил сомот за да може тој (Заев) да отиде на планот Б, а ние у курац!