Катлановска бања ДОО Скопје е правно лице, кое ја врши дејноста за која е основано повеќе од неколку децении, со правно валидни договори со државни институции.
Катлановска бања учествува во разни државни проекти и за истите во неколку наврати било подлежно на разни инспекциски надзори, и при тоа воопшто немало никава забелешка и од формално правен и од материјално правен аспект на неговото работење, реагираат преку соопштение од Бањата, откако неколку дена се во центарот на вниманието на јавноста за нивното работење.
Од таму додаваат дека фактичката состојба е дека согласно законските прописи, ја вршат дејноста со Решение бр. 12-1206/1 од 24.10 2000 година. Го доставуваат Решението на Министерство за здравство.
– Во меѓувреме, следејќи ги актуелните и тековни законски измени, поднесовме Барање за обновување на дозволата за работа до надлежен орган а со оглед на тековните измени на Законот за здравствена заштита. По однос на претходно цитираното барање, сеуште чекаме одговор од страна на надлежниот орган.
Уште повеќе што, работењето со бањско лекување и туризам, очигледно претставувало и претставува нерегулирана зона од правен и фактички аспект.
Ние постојано преземаме дејствија со цел усогласување на нашето работење со позитивните законски прописи – велат од Катлановска бања.
Од таму додаваат дека дополнително, по извршениот вонреден надзор, постапувајќи по директивите од инспекторатот, веднаш согласно истите и согласно Законот за санитарна и здравствена инспекција поднеле Барање за основање на приватна здравствена установа. Барањето е поднесено на 04.05.2018 година.
– Во насока на склучените договори со ФЗОМ, самиот Фонд јавно се произнесе дека истите се склучени врз основа на мислењето и писмената потврда од Министерството за здравство, бидејќи Катлановска Бања е составен дел од здравствената мапа на Македонија. Со цел правилно да ја информираме јавноста, но со крајна цел утврдување и искажување на вистината, под целосна морална и материјална одговорност изјавуваме дека Катлановска Бања во досегашната своја историја работела и работи согласно сите законски прописи. Ниту една околност или факт немаме прикриено ниту пак неприкажано. Целокупното работење се заснова и базира на транспарентност, законитост и почитување на правото, се со цел задоволување на потребите на корисниците на услугите – велат од Катлановска Бања.