Премиерот Зоран Заев и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски денеска го отворија состанокот на Извршниот комитет на Советот на Европските полициски синдикати, соопшти владината прес служба.
На отворањето на состанокот се обратија и Андреас Симеоу, претседател на извршниот комитет на Советот на Европските полициски синдикати, како и Ацо Антовски, претседател на Македонскиот полициски синдикат.
Сите говорници на денешниот состанок се согласија дека синдикалните организации се нужни во секое општество и дека нивната улога е клучна при поставувањето на норми и вредности во сферата на работничките права.
Заев рече дека ги подржува сите заложби на синдикалните организации, бидејќи во одредена мера тие се коректори на власта во сегментот на работнички права.
– Затоа, власта е отворена за дијалог со синдикатите. Крајна цел на работодавачите и државата од една страна и на синдикатите од друга, е подобрување на условите за работа на сите работници. Тоа може да се постигне само со дијалог во кој сите имаат иста цел, а тоа е благосостојбата на работникот. Со еднострани одлуки, само едната страна ќе биде задоволна. А тоа секако сите знаеме дека не е добро. Никој нема корист, а најмалку општеството, од незадоволен службеник, од незадоволен работник или од незадоволен работодавач – рече Заев.
Министерот за внатрешни работи истакна дека е оправдана потребата за постојано афирмирање и надградување на синдикалното организирање и работење.
– Раководството на министерството ја пружа својата целосна и безрезервна поддршка за развојот на синдикализмот, трудејќи се да ја интензивира неопходната социјална соработка и партнерство со синдикатот, која отвора нови перспективи и можности за конкретни и поквалитетни договарања и решенија. А се со една цел подобрување на професионалниот, социјалниот, економски статус на сите вработени во нашата институција – истакна Спасовски.
Од Македонскиот полициски синдикат истакнаа дека се надеваат дека ќе продолжи социјалниот дијалог со Владата за уште повеќе да се подобрат условите за работа на полициските службеници.
Претседателот на Извршниот Комитет на Советот на Европските полициски синдикати, Андреа Симеоу истакна дека полицијата е многу голем и важен дел од општеството, бидејќи нејзината примарна задача е заштита на граѓаните.