Во „одбрана“ на амбасадорот

Овој скандал исфрли на површина многу прашања, пред сѐ, за работењето на МНР, но и за односите внатре во Владата.

2354

Директниот повод за овој мој текст е колумната на Сашо Орданоски „За инструкциите на амбасадорот“, прво, бидејќи поголемиот дел од напишаното се точни констатации и, второ, бидејќи текстот бара дополнување и дообјаснување. И тоа ќе го направам исклучиво врз моја опсервација, без да имам било какви инсајдерски сознанија за тоа што се случувало со инструкциите на амбасадорот и поводот за неговото однесување.

Да почнам со инструкциите. Орданоски е во право кога се прашува дали наместо скандализирање, не треба можеби да се прашаме да не биле такви инструкциите што Наумовски ги имал. Или, ќе додадам: воопшто ги немал!

Јасно ми е дека Орданоски добро го знае функционирање на системот на МНР и дека повеќе алудира на неформални инструкции кои, ставени во тој контекст, можат да доаѓаат од било која страна, а Орданоски во случајот ги лоцира кај шефот на државата Иванов.

Како поранешен амбасадор, на ова сепак ќе додадам дека инструкциите на амбасадорот доаѓаат ЕДИНСТВЕНО од МНР и од ниедно друго место! Не од владата и не од Кабинетот на Претседателот!

И тука е поводот на мојата „одбрана“ на амбасадорот и неговата постапка. Како и поводот за прашањето имал ли воопшто Наумовски некакви инструкции? Во тој контекст за мене силна беше изјавата на МО и потпретседател на Владата Шеќеринска дека чека да разговара со МНР Димитров!

Секој што знае како функционира диполоматската мрежа нормално таму и би ги насочил сите прашања. Дополнително – како, воопшто, била договарана и реализирана една ваква значајна посета, прва на официјално ниво по толку години? Дали Министерството за одбрана го направило тоа директно и единствено преку военото аташе во Амбасадата во Вашингтон или координацијата одела преку МНР, како што е и редот? Кога и како бил договаран форматот на средбите при што точно се утврдува и кои се темите за разговор, но и кој сѐ присуствува на која средба и што никогаш не е прашање на избор на амбасадорот? Дали дури и средбите во Белата куќа и Стејт департментот биле договарани директно од МО или преку МНР, како што е редот? За секоја посета на странство Владата носи одлука, па како одела и таа координација?

Единственото место каде што МО Шеќеринска можела да го види амбасадорот по негово наоѓање, е при доаѓањето и испраќањето од аеродром. А факт е дека тој тоа не го направи. Сето друго мора да биде со инструкција до амбасадорот и координација на посетата. Дали некој наивно верува дека било кој амбасадор може да се појави самоиницијативно на средба во Пентагон? Во Белата куќа?

Така, кога сме кај инструкциите, повторно, вистинското прашање е какви биле тие до Наумовски и ги имало ли воопшто! Кој е тој што во суштина ја саботирал оваа значајна посета? И зошто? Е тоа е тој разговор со министерот Димитров.

Пред неколку дена во едно мое друго пишување за Амбасадата во САД посочив дека состојбите тука се одраз на односите со шефот на државата, но и дека тоа не го спречува МНР Димитров дополнително да ја зајакне амбасадата со кадар и да се зафати со вистинско креирање на современо Дипломатско-конзуларно претставништво, бидејќи вакво какво што е, служи само за прием и испраќање гости! Не знам каква е состојбата со другите претставништва, но факт е дека за скоро цела една година не видовме никакви реформи во МНР ниту пак функционална реорганизација на дипломатската мрежа и на министерството.

Како и да е, овој скандал исфрли на површина многу прашања, пред сѐ, за работењето на МНР, но и за односите внатре во Владата.

Тажна страна на овој скандал е што се распосла на отворена меѓународна сцена при една ваква важна посета, прва официјална на САД по многу години изолација на државата. Во момент кога силно се лобира за прием во НАТО, Република Македонија и на јавна сцена ја покажа нефункционалноста на своите институции, немањето систем на работа, негувањето лични аспирации или анимозитети.

Некои идни „Викиликс“ белешки ќе ни откријат можеби многу пикантерии и забелешки на соговорниците на Шеќеринска во Вашингтон за тоа како тие гледале на едно вакво невидено отстапување од секаков протокол во меѓународните односи. Зошто не е прашањето на неприсуството на Наумовски како личност, туку некоординацијата на МО и МНР.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...