Вработените во Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка два месеца не зеле плата, а целокупната работа на комисијата е во застој бидејќи од март не е избран нов состав на комисијата и не е определен законски потписник на плата.
За состојбата во комисијата, вработените два пати го информирале Собранието, но не добиле никаков одговор.
Сега преку отворено присмо до претседателот на Собранието, Талат Џафери, бараат да се почитуваат законите и до изборот и именувањето на новиот состав на комисијата да биде овластен раководен административен службеник од комисијата или од Собранието кој ќе може да ја потпишува платата, да ги потпишува налозите за плаќање на тековни трошоци и да презема дејствија во постапките по жалби и во постапките по заведен управен спор.
Тие очекуваат одговор од Џафери за пет дена, по што, како што наведуваат, ќе преземат следни чекори за остварување на нивните права.
„Вработените во стручната служба на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка се обраќаат до Собранието на Република Македонија во својство на работоводен орган да ни даде насоки како да се постапува во наредниот период до изборот и именувањето на новиот состав на комисијата, а во насока да не дојде до застој во нејзиното работење. При тоа, имајќи предвид дека од Ваша страна е дадено овластување за одјавување на членовите на Комисијата (ваш бр.08-2145/3, од 27.03.2018 година)“ ,стои во дописот.
Доколку 28-те вработени во Комисијата не земат плата, се наведува во писмото, ќе се најдат во големи проблеми бидејќи најголемиот дел од нив имаат кредити во банките, дел од нив патуваат од други градови во Скопје, а од овој месец им истекува и здравственото осигурување.
Дополнително, поради фактот што Комисијата нема овластено раководно лица има застојот во решавањето на предметите што е на штета на подносителите.
„Почнувајќи од 19.03.2018 година до сега примени се 442 жалби и 284 предмети од судот. По однос на жалбите, барањата и останатите поднесоци стручната служба на Државната комисија е должна да постапи во законски рок (непреземањето на одредени дејствија во постапката може да повлече и одговорност)“, додаваат во писмото до претседателот на Собранието Талат Џафери, вработените во Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка.