Четири лица се полесно повредени во директен судар меѓу две патнички возила со скопски регистерски таблички што се случи изутрината во седум часот кај месноста викана Ѓубриште на Штипска клучка во близина на Велес.
Како што информира за МИА Димитар Каракулев, портпарол на СВР Велес, несреќата се случила кога едно од возилата преминало на спротивната коловозна лента и директно удрило во другото возило.
Увид на местото на настанот врши екипа на СВР Велес и Основното јавно обвинителство од Велес.
Марина Андова, портпарол на велешката Општа болница, информира дека сите четворица повредени сo возило на итна помош околу осум часот биле донесени во болницата.
– Сите четворица повредени, М.З. (1996), И.С. (1977) и Ј.Б и Б.З, беа прегледани од хирургот трауматолог д-р Филип Тодоровски, по што беа упатени на рентген снимање при што се констатирани полесни телесни повреди – нагмечувања. Поради превентивни здравствени мерки сите четворица се задржани на опсервација на хируршкото одделение во болницата – информира Андова.