Измените за паралелен увоз на лекови го поминаа првиот собраниски филтер

94

Собранието вечерва го усвои Предлог законот за измени и дополнувања на Законот за лекови и медицински отпад, во прво читање, со кои, според ресорниот министер Венко Филипче, ќе се обезбедат квалитетни лекови за граѓаните преку паралелен увоз.

Според Предлогот, за да добие одобрение за паралелен увоз одредена веледрогерија или здравствена установа до Агенцијата за лекови и медицински средства најпрвин мора да достави сертификат од анализа на квалитет на лекот од производителот кој ќе биде предмет на паралелен увоз, како и сертификат од анализа на квалитетот на лекот од лабораторија овластена од надлежен орган на земјата производител на лекот или на земјата извозник на лекот.

– Сертификатот за квалитет на лекови кои се увезуваат преку паралелен увоз досега не беше задолжителен со закон, а како последица на тоа Министерството за здравтво има приговори од здравствени работници и здруженија на граѓани во кои се наведува дека дел од лековите од паралелен увоз не се ефикасни – рече министерот за здравство Филипче.

Наспроти пратениците од владејачкото мнозинство кои оценија дека законските измени ја заоструваат постапката за паралелен увоз на лекови во интерес на квалитетот, опозицијата обвини дека со тоа ќе поскапат лековите.

– Зголемениот надзор врз работата на Агенцијата за лекови и медицински средства и следењето на патот на лекот од производителот до купувачот се доволни контролни механизми за паралелен увоз на квалитетни лекови – рече Весна Пемова од ВМРО-ДПМНЕ.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...