Поповски: Нула толеранција за било каков обид за загрозување на слободата на говорот и изразувањето

152

За оваа Влада не постои никаква толеранција за никакви притисоци, закани, уцени врз новинарите и медиумските работници. Нула толеранција за било каков обид за загрозување на слободата на говорот и изразувањето. Многу јасно и отворено ги осудивме сите напади штоп се случија во изминатиот период.

Ова го порача министерот за комуникации отчетност и транспарентност, Роберт Поповски на трибината по повод светскиот ден на слобода на медиумите, во организација на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), делегацијата на Европската Унија и амбасадата на САД.

Тој додаде дека го радува што во последниве 11 месеци, бројот на физички напади е нула а на вербални е многу мал. Поповски се осврна и на обидите за цензура во медиумите, нагласувајќи дека цензурата е забранета со Устав и никогаш не смее да се случува во едно демократско општество.

– Истражувачкото новинарство ја има нашата целосна поддршка – рече Поповски, истакнувајќи дека Владата уште во првите свои седници донела одлука за поддршка на регулаторните тела кои се од посебно значење на секоја демократија.

– Што помалку регулација е подобро – што повеќе саморегулација е уште подобро. Од тој аспект владата дава целосна поддршка, но не ни помислува да се меша во регулирање на оваа професија – додаде министерот.

Тој ги поддржа заложбите и напорите на новинарите и медиумските работници во барањата за покачување на платите на новинарите и медиумските работници, како и регулирање на нивниот работен однос во медиумските куќи.

– Даваме целосна поддршка на сите можни преговори и разговори за подобрување на условите за работа и на платите на новинарите и на медиумските работници. Апелираме до сопствениците на медиуми да ги почитуваат работничките права и притоа да ја следат политиката на покачување на платите. Не можеме да говориме за независно и слободно новинарство, ако новинарите немаат регулирани работни услови, работни позиции и притоа се многу ниско платени – потенцира Поповски.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...