Ќе остане ли руина од фасадата на заедничката зграда на ЕЛЕМ и ЕВН во центарот на Скопје, откако лани двете компании одлучија да се откажат од барокот предвиден во 2013 година?
Сега компаниите се во дилема како да ја реализираат одлуката за поставување нова фасада, а да немаат финансиски реперкусии, ако го раскинат договорот со изведувачот постигнат по тендерот од 2013 година со кој е предвидно поставување на фасада со барокен изглед.
Од ЕЛЕМ велат дека изминатите месеци компаниите водат писмена комуникација со фирмата „Бетон“.
– Постои правна дилема дали ЕЛЕМ како државна компанија која подлежи на одредбите на Законот за јавни набавки, има право да го менува договорот во од, односно да прави измени во предметот на договорот кој е склучен откако претходно имало распишано јавен тендер за него. Има правно толкувања дека е незаконски да бил распишан тендер за фасадата во кој се наведени едни услови за нејзиниот изглед и под тие услови да конкурирале фирмите, а потоа да се менува содржината во договорот, односно во случајов, да се менува изгледот, а со тоа и материјалите за градба, нивната количина итн. откако тендерот веќе завршил и веќе има договор- велат од ЕЛЕМ.
Во тој случај, додаваат од компанијата, би требало да се раскине постоечкиот договор и да се распише нов тендер со точно пропишан изглед на новата фасада, во случајов модерна и енергетски ефикасна фасада.
– Тоа би значело и плаќање на пенали за непочитување на договорот. Тоа се големи трошоци кои не постои компанија која би сакала еднострано да раскине договор и да ги плаќа, освен во краен случај – додаваат од ЕЛЕМ.
Но, тврдат дека и натаму ќе бараат начин како да се надмине состојбата.
– Се бара начин како да се најде решение кое нема да прави дополнителни трошоци од буџетот, а со кое ќе се постави нова модерна фасада на заедничката зграда на ЕЛЕМ и ЕВН – велат од ЕЛЕМ.
Реконструкцијата на фасадата на заедничката зграда на девете компании е во застој веќе две години. Причина за застојот беше пожарот кој изби на зградата по што ЕВН од изведувачот побара да се стават огноотпони материјали што не беше прифатено.
Тендер за реконтсрукција на фасадата на зградата беше распишан во 2013 година кога е одлучено таа да се усогласи со Скопје 2014 и да добие барокен изглед. Реконструкцијата требаше да заврши во 2014 година.
Целиот проект според договорот чини 3.651. 984 евра. До сега ЕЛЕМ и ЕВН имаат исплатено на „Бетон“ 725. 187 евра, или 20 отсто од сумата во договор, бидејќи 20 отсто од работите се и изведени на зградата.
Оригиналниот проектант на т.н. барокна фасада е Градежниот факултет-Скопје.
Инаку зградата во која се сместени ЕЛЕМ и ЕВН, на времето ја имаше првата стаклена фасада изведена на територијата на Република Македонија.
Објектот е изграден во 1962 година, а негов автор е познатиот белградски архитект Бранко Петричиќ. Зградата на ЕЛЕМ и ЕВН е неговото единствено творечко дело во македонската метропола.
Некои критичари ја споредуваа оваа зграда со архитектонската убавина на седиштето на Обединетите Нации во Њујорк.