Шилегов најави генералка во сабота

1183

Голема акција за чистење во сите општини најавува градоначалникот на Скопје и претседател на ЗЕЛС, Петре Шилегов. Акцијата ќе се спроведе во сабота, а Шилегов ги повика граѓаните доброволно да се вклучат во неа.

– Ги повикувам општините да организираат конкретни акции заедно со локалните заедници, да ги информираат граѓаните за акциите и да овозможат учество на сите заинтересирани. Граѓаните се јасни и сериозни во своите барања, а ние одговорно го слушаме и го разбираме крикот за чиста животна средина. Придонесот на секој граѓанин ни е важен. Затоа ги повикуваме и граѓаните, доброволно да се вклучат во оваа акција во својата општина – рече тој.

Шилегов додаде дека основен мотив за успех на оваа акција е чистата животна средина, секое средено катче од општините и здравјето на граѓаните.

– Ајде заедно да  го разубавиме нашиот роден крај, местото каде што живееме, работиме, учиме, каде што поминуваме најголем дел од нашиот живот. Заедно да се избориме за чиста и здрава животна средина како влог во иднината на нашите деца. Верувам во нашиот потенцијал како локална самоуправа и верувам  дека ќе успееме во нашите намери да обезбедиме услови за здрав живот на сите – нагласи Шилегов.

Тој додаде оти е убеден дека прашањето за подобрување на квалитетот на животната средина ќе биде минато бидејќи чистата и здрава животна средина ќе бидат наше секојдневие.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...