Шекеринска утре во посета на Софија на средба со Каракачанов

88

Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска утре ќе престојува во Софија, Република Бугарија, каде ќе има средба со министерот за одбрана Красимир Каракачанов и ќе учествува на меѓународната конференција „Кон нов одбранбен идентитет на ЕУ“.

Во фокусот на средбата со бугарскиот колега Каракачанов ќе бидат повеќе прашања од соработката меѓу двете земји, како и претстојниот самит на НАТО во Брисел и предизвиците што го очекуваат регионот.

На конференцијата освен Шекеринска обраќања ќе имаат и германската министерка за одбрана Урсула фон дер Лејен, претседателот на Австрискиот институт за европска и безбедносна политика и поранешен министер за одбрана на Австрија Вернер Фаслабенд и поранешниот амбасадор на САД Филип Рикер.

Оваа година меѓународната одбранбена конференција во Софија ќе се посвети на потребата на ЕУ за развој на нов безбедносен и одбранбен идентитет, кој ќе се носи со предизвиците како нестабилноста на јужните и источните граници на ЕУ, тероризмот и радикализацијата, мигрантските бранови, враќањето на борците-терористи од боиштата и новите хибридни и кибер-закани.

Конференцијата е организирана од Софискиот одбранбен форум, Австрискиот институт за европска и безбедносна политика, фондацијата „Конрад Аденауер“ и Вилфрид Мартенс центарот за европски студии.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...