Светскиот ден на слободата на печатот го одбележуваме во демократска, слободна и европски ориентирана Македонија, за првпат денеска веројатно ќе има повеќе критички текстови отколку пофалби, рече министерот без ресор задолжен за транспарентност и предност, Роберт Поповски.
– Професионалните и независни медиуми се гласот на граѓаните во демократска држава. На врвот на оваа Влада е концептот на отворена Влада кој подразбира демократизација, пристапност и транспарентност. За првпат медиумскиот проатор е ослободен од политички притисоци – изјави Поповски.
Еден од приоритетите на Владата, посочи тој, е професионално работење на јавниот сервис и на Агенцијата за медиуми. Министерот ја повика опозицијата да даде поддршка на Законот за аудио и аудиовизуелни услуги кој се наоѓа во собраниска процедура. Поповски рече дека опозицијата ќе има директно учество во промените во медиумскиот простор со новите закони и нагласи пропишаните норми во нив, според кои, за изборите во раководните позиции во управните одбори на МРТВ и во Агенцијата за медиуми ќе биде потребно двотретинско мнозинство во парламентот.
Тој апелираше и до газдите на медиумите да ги средат состојбите со работничките права и порастот на платите.
– Владата постојано го прави она што е потребно за натамошна професионализација на медиумите. Се повлече од традиционалното владино рекламирање во медиумите. Се залагаме и за промена на економската состојба на новинарите, зголемување на платите и стабилност на нивните работни места. Владата нема да се меша во работата на новинарите, во нас имате сигурен партнер – рече Поповски.
Министерот потсети и на извештаите на меѓународните организации каде се оценува подобрување на состојбата со медиумите како Репортери без граници и Фридом хаус каде Македонија се споменува како светла точна на Балканот.
На прес-конференцијата по повод денешниот ден тој одговараше и на новинарски прашања поврзани со нападите врз новинарите и потенцираше дека покрај тоа што владата го прави, потребно е и другите институции да си ја извршат нивната задача, како што е обвинителството.