Слободни, безбедни, независни и одговорни медиуми се основа за развој на едно демократско општество. Тие се важна алка за градење на развиена држава, за социјален и економски напредок и одржлив развој, вели министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски по повод 3 -ти Мај, Меѓународниот ден на слободата на печатот.
„Нападот врз слободата на медиумите, е напад врз владеењето на правото и напад врз човековите права. Меѓународниот ден на слободата на печатот кој што го одбележуваме денеска, нека биде потсетник за сите нас. За нашите заложби изминатите години за слободата на медиумите. Но, и ден кога медиумските работници ќе се потсетат на својата клучна улога во општеството. Јавноста мора да биде постојана контрола на власта. Важноста на медиумите е огромна, особено во областите на правдата и владеењето на правото. Затоа важна е транспарентноста на политичките процеси, независноста на медиумите и медиумската писменост. А од најголема важност за тоа да се постигне е отчетноста на државните институции кон јавноста“, вели Манчевски.
Според Манчевски, измените во законот за АВМУ, подготвени заедно со сите засегнати страни, гарантираат услови за професионализација на медиумските тела. Овозмужуваат слободно и независно работење на медиумите во државата. Најважно од се, даваат шанса за политичарите да ги тргнат рацете од медиумите. Медиумската заедница треба да ја преземе контролата врз медиумскиот сектор. Овој закон овозможува дополнителни механизми за саморегулација. Но и медиумите мора да бидат на висина на својата задача и да ја стекнат и зачуваат довербата на граѓаните“, вели Манчевски.