Ерга омнес, или поѓомити План „А“

Ајде, нека падне петок во сабота, па да речеме: Ако, нека биде ерга омнес. Но, што тоа „решение“ ќе изроди на средно долги патеки? Ова е непобитна логика, дури и ако петок падне во недела.

2404

Многу муабети околу Планот „Б“, веројатно заради тоа што нѝ се чини дека првиот е невозможен и потполно нелогичен. Уште е посмешно што се последиците од Планот „А“ потполно непознати за јавноста.

А да помуабетиме малку, „по простачки“, за планот „А“?

Замислете дека во Планот „А“ (како што оди работата), ќе имаме име за севкупна употреба, кое нема да биде „Република Македонија“. Замислете и тоа дека и СДСМ и ВМРО – ДПМНЕ, покрај албанските партии, треба да бидат во тој кош „промотори на новото име“. Поинаку, „ерга омнесот“ нема да биде многу омнес и никој – ништо не решава без тоа. Нема да поминат 3 месеци од некаков договор, а Грција да не нѝ ја блокира границата заради…. ако избегаме од ерга омнесот. Грците помалку не сакале да прифатат и искрено се надевам дека е тоа само преговарачка позиција, оти ниту ним, ниту нам, ова решение нема да нѝ се исплати.

Ајде, нека падне петок во сабота, па да речеме: Ако, нека биде ерга омнес. Но, што тоа „решение“ ќе изроди на средно долги патеки? Ова е непобитна логика, дури и ако петок падне во недела.

Најпрво ќе се радуваме, лутиме, ќе бидеме резигнирани, ќе рационализираме… дека, сепак, подобро е да тргнеме некаде, отколку да не одиме никаде. Тоа бргу ќе нѝ помине, оти ќе треба да го мениме уставот, законите, личните документи, називите на институциите, да ги замолиме сите, кои нѐ признале под уставно име, повторно „да нѐ признаат“ под новото име, да се навикнеме дека сме „Горно“, „Нови“, „Скопски“, „Вардарски“… Македонци, секојдневно ќе го чувствуваме „триењето“ на бакарното париче на „омнесот“, под јазикот. Ќе треба силна кампања за „новото воведение“, нели? Се разбира, резултатот од кампањата ќе биде негативен и како мине времето, сѐ  повеќе и повеќе. Ерга омнесот ќе работи долгорочно. За Албанците, пеки. Тие ниту сега не се Македонци. Останатите „Горни“, ќе ги фаќаат киселини при секој спортски натрпревар, каде ќе ги читаат како „Горњаци“, „Вардарци“, „Нови“, ајде, и тоа сѐ издржува. Но, кога ќе имаме домашни настани, кога нема да има никакви „стренџери“, а ние нема да можеме да говориме дека имаме „нов првак на Македонија“, работите нема да одат на добро.

Да го земеме само разочарувањето. Како да најдеш полетна енергија за економско, спортско, научно… придвижување? Да, такво нешто нема ниту сега, но тоа можеме да го сметаме како резултат на класичното убиство на демократијата, законитоста, правичноста… под Груевски. Некои би рекле дека ќе нѝ помине, но не гледаме дека поминува.

Потоа, да го земеме евроскептицизмот. Дали да мислиме дека СДСМ и ВМРО – ДПМНЕ ерга омнес промената ќе ја наречат „свое постигнување“? Не! Ќе ја импутираат на ЕУ, па приказната ќе биде дека ЕУ нѐ излажала да го промениме името заради приемот во ЕУ (брак од интерес). Исто како со песните за „европската блудница“. Колку време тоа ќе држи? Колку време ќе помине додека добиеме „нова“ партија, која ќе се бори за името, идентитетот, за „не во Европа“? Колку време ќе треба да добиеме и оружано крило на некоја таква „патриотска“ партија, која се бори за враќање на името и достоинството (ќе биде повеќе за „спонзорства“ и грабеж, но дискурсот е чудо)? Ако немаме оружје, соседите ќе ни дадат – тука проблем нема. Нека има будали, оружје колку сакаш. Можете да ја замислите реакцијата, кога ќе рокне бомба на некоја грчка плажа, во име на „поробената Македонија“? Мислите дека е такво нешто далеку? Камо пари, странски служби и причина за саможртва во запалените глави. Добриот стандард е секогаш лек за вакви сценарија, но каде да најдеме добар стандард со ваков домашен капацитет. Ние не знаеме да направиме, но да расипеме сме експерти.

Потоа, самиот прием. Го менуваме името, прифаќаме ерга омнес, но во ЕУ нема да бидеме примени, токму заради нашата библиска неспособност и недостаток на движечка сила, која (додатно) ќе биде руинирана заради најавениот, но незакажан брак од интерес. Едноставно, нашите преговори можат да траат и 50 години. Невестата „помината“, родила деца, ги одгледува, но брак нема. Младоженецот поставува услови. Ова е реалност, со оглед на нашата неукост, негативна селекција и убиствен менаталитет на несоработка и немање свесност за заеднички интереси и градење држава. Што и да капитализираме, првите избори ќе уништат.

Ајде сега за политичките последици. СДСМ нема шанси да го преживее планот „А“, со ерга омнесот во него. Поинаку, СДСМ нема да може да биде ниту партија, ниту невладина организација. ВМРО – ДПМНЕ, кое мора да биде дел од „пакетот“, исто така, па, сето ова важи и за нив. Но, ако вемерето, како досега, се служи со „паломи“ (едно правам, а кажувам дека тоа значи друго), ќе дојде на власт, но нема да може да ја одржи, затоа што ќе се бара да ги материјализира ветувањата, кои мора да ги даде во било кое предизборие (оти некој друг ќе ги даде), во таков контекст, во непризнавање на било каков договор со Грција. Ќе пимпла 6 месеци, година, а потоа, или ќе го поништи договорот, со катастрофални последици по државата (веројатни обиди за одделување и федерализација на Албанските општини) или ќе ја турнат од власт во крвави демонстрации. Крвави демонстрации во Македонија? Да, заради тоа што нив ќе ги води „новата партија“, која секој будала ќе може да ја формира во таква констелација на односи. Искрено, секој опортунист, кој ќе извика дека не го признава договорот со Грција, ќе стане народен херој и лидер на незадоволството. Линкот до антиалбанските чувства е одма тука, на дофат на рака.

Тука и лежи зајакот. Не е работата дали да го жртвуваме името, дел од идентитетот и да направиме коренити промени, во кои ќе се откажеме од историјата, која е и онака лага до лага (не говорам за етничката историја), туку во докажаниот политички опортунизам, базиран на социјалистичкиот мит за Македонија и фактот дека ние имаме свој национален идентитет, па нека е и вештачки создаван, измислуван во Југословенската кујна, настанат во процепот на борбата на Бугарија и Србија за територии… кој, секако и неминовно, ќе биде материјализиран во некаква партија, која реално или виртуелно, ќе го штити некаквиот „Македонски идентитет“ и интереси на Македонскиот народ. Тоа е нешто што секако ќе се случи. Ниту СДСМ, ниту ВМРО – ДПМНЕ не се толку будали ова да не го знаат. Ако „политичкиот пазар“ тоа го бара, тоа ќе се случи.

Нашиот идентитет е факт и чувство и за тоа добро сме се погрижиле во минатото, толку добро, што ниту највештите неранимајковци и антиквизатори не успеале потполно, или во претежен дел, да го уништат. Националното чувство е јасно, одделито, поткрепено со многу „работа“ во нашето социјалистичко минато,  национално и етнички осмислено, па и научно поткрепено, како – така. Единствениот крупен удар, од кој (за малку) не умре тоа етничко тело е менувањето на неговиот словенски карактер, кој е несомнен базис на она што се нарекува Македонец/ка. Тоа не е територијален, туку чувствен факт и нема врска со преговорите, иако „најпатриотската партија“ успеа тоа да го смени, на голема радост на Грција, менувајќи ја перцепцијата во светот – за нас. Ние сега преговараме на ваков начин (во мошне неповолна позиција) точно заради демонстрацијата на Груевски и фамилијата, до каде може да се оди со етничкиот инженеринг. Европа е веќе убедена дека оваа Македонија може да биде крадец на историја, да има територијални претензии, иако е суперслаба, да биде извозник на нестабилност, легло на криминалот, кој можеме да го извезуваме како најврвна корупција на странски и европски државници (количината на украдени пари и политички безобразилук тоа го овозможи), па дури и геостратегиски да мешетари, во безумни политики, контра себе.

Крајно, ерга омнесот ќе придвижи политички процеси во Македонија, кои никој нема да може да ги предвиди и контролира. Свртувањето кон „истокот“ ќе биде незаобиколна последица, па со нашиот мозок и политичкото лидерство ќе патуваме на „запад“, а со срцето на „исток“, не затоа што имаме некоја солидарност и чувства со „браќата“, туку затоа што тие ќе го говорат она што сакаме да го чуеме (веќе тоа го видовме).

Ако Грција тоа го посакуваше, на добар пат е тоа и да го добие. Прашањето е што сакаме ние, како тоа ќе го објасниме и како ќе спречиме повторно да добиеме „Тајна Македонска Револуционерна Организација“, која, кога не изнајмува убијци на некои братски странски служби, поставува бомби.

Дипломатијата е дипломатија, но, ако некој сака да оди против чувствата и политичкиот опортунизам, мора да има многу капцитет или пари, со кои ќе купи време, за кампањата да проработи.

Значи, план „Б“.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...