Добра ноќ, Македонијо

958

Зимоска бев на пат за Сараево, кога летот на Аустриан Ерлајнс од Скопје за Белград доцнеше четири часа, а потоа од Белград за Сараево беше откажан, па морав да фатам такси. Таксистот беше нешто помлад од мене, љубезен и професионален. Во речиси петте часа возење низ лошите патишта и снежното невреме, тој ги сподели своите ставови за балканските прилики и неприлики. Одлично информиран, тој пред мене откри слика за еден модерен, про-европски човек кој не ја криеше својата разочараност од српската политика и политичарите воопшто. Мојот сопатник беше доволно возрасен за да биде оправдано циничен, а доволно млад да верува дека може и подобро, со повеќе работа и помалку корупција, национализам и руско влијание. Вистинско освежување по неколкучасовното скролање по српските печатени и интернет медиуми на белградскиот аеродром.

Но, колку и да се трудеше да биде позитивен, кога ја преминавме границата и влеговме во БиХ, тој, по неколкуминутниот молк кој некако сам се наметна, рече: „Е овде и Бог кажал добра ноќ“. Мислеше на тешките состојби во земјата – некогашниот симбол на југословенското братство и единство, а сега еден од најмрачните спомени на Европа, по крвавата граѓанска војна во 90-те, кога животот го загубија 100.000 жени, деца и мажи, 2,2 милиони луѓе беа раселени и 12-20 илјади жени беа силувани.

Не е новост дека БиХ е во тешка економска, политичка и безбедносна состојба. Корумпираните политичари, лошите политики на меѓународната заедница и војната која сѐ уште татни во свеста и потсвеста на луѓето се натпреваруваат во воздухот, во чекорите на луѓето по сокаците. Дејтонскиот мировен договор во 1995 година требаше да ја сопре војната и да му даде шанса на мирот, закрепнувањето и прогресот во оваа земја во која четири години беснееше војна каква што Европа не видела од Втората Светска Војна наваму.

Западен Балкан почнува токму со БиХ. Завршува со Македонија, приказна која не е ни оддалеку толку мрачна како босанската, но која никогаш не успеа да замине доволно далеку од неа.

И сега, кога видовме бел ден, по падот на антидемократскиот криминален режим, кога меѓународната положба на Македонија се врати во релативно добрата 2005 година по која до неодамна бележевме само падови и кризи, повторно се надвиснуваат темни облаци. По позитивната енергија, еуфоријата и охрабрувањето кои ги донесоа двајца модерни политичари како Заев и Ципрас, по јануарскиот говор на Столтенберг и мартовскиот на Могерини во Собранието на Македонија, доаѓаат денови на претпазливост и соочување со можните неуспеси.

Како и да ја свртиме приказната, сѐ зависи од решението на спорот со Грција. Наспроти почетниот елан со кој грчките лидери влегоа во конструктивен, но и храбар дијалог со нашиот дрим-тим, процесот виси на тенок конец. Националистите, неонацистите и црквата во Грција, сесрдно помогнати од Москва, немаат намера да попуштат. Во Македонија – слична ситуација.

Оние што ги познаваат балканските прилики, знаат дека и успехот и неуспехот на Македонија може да го повлечат целиот регион кон полошо или кон подобро. Затоа, добронамерните и мудрите имаат студен камен во утробата кога гледаат во каков ризик е целиот процес.

И мораме да признаеме еднаш, отворено и искрено. Да се соочиме и со себе си. Покрај сиот жар и посветеноста со кои ги браневме позициите за зачувување на нашето уставно име, мораме да признаеме дека имавме уште еден голем непријател во тие заложби. Тоа се политиката на изолација, национализмот, дрската кражба и фабрикувањето на историјата, социјалниот инженеринг, Скопје 2014 (…), кои ни ги слабееја позициите секој ден во изминатата деценија.

Колку и да сакавме да ја одбраниме нашата земја, ние „предавниците“, во нашите разговори, кореспонденцијата, акциите и безбројните написи, секогаш пред нас се испречуваше грдиот колос на режимот на Груевски кој, едноставно, работеше против сите стратешки интереси на Македонија. Мораме да се соочиме со фактот дека ова општество ѝ дозволи на една криминална клика да ги урива сите наши мостови до успехот.

Тешко е сега да се прават проекции, но сигурно имавме многу повеќе шанси за подобар исход од нашиот спор со Грција пред почетокот на Скопје 2014, отколку по него. И сега, земјата е исправена пред решенија кои можат да нанесат и болка. Сега, што и да направите, во било која од земјите, Македонија или Грција, подеднакво отровни ќе бидат токму тие што се виновни за децениската штета што ја трпат двете општества од глупавиот спор. Што и да решиме, што и да сториме и напишеме, оние што се теледиригирани од руските рубљи и плиткоумното разбирање на историјата и сегашноста, ќе бидат гласните „бранители“ на националните интереси, а оние што сакаат прогрес и добрососедство ќе бидат „предавници“.

И Македонија и регионот, тој мрачен Западен Балкан, мораат да добијат шанса. Структурното насилство и корупцијата, шпионажата и пропагандата исцрпија и сѐ уште црпат премногу енергија и предизвикуваат големи штети. Направивме многу грешки. Доцневме. Бевме нерешителни. Но, бавноста и погрешните проценки на Брисел имаа голем удел во сето тоа. Решенијата и храбрите одлуки треба да ги донесеме и спроведеме ние, самите. Мораме да имаме доверба во добрите решенија и да го оставиме деструктивниот национализам далеку зад нас.

Но, на крајот, мораме да испратиме и една гласна порака до светот. Нашиот неуспех нема да биде само наш. Неуспехот на Македонија за евро-атлантска интеграција ќе биде и неуспех на ЕУ и НАТО. Неуспехот на Македонија, ќе биде и неуспех на Грција. Сепак, најдебелиот крај ќе го извлечеме ние. Тогаш, и за нас ќе биде: Добра ноќ, Македонијо…

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...