Гласањето за нас е денес, 3 мај, четврток, во малата куќичка веднаш до локалната црква Свети Андреј. Се отвора во седум наутро, за да можат да гласаат оние кои одат на работа порано, како Мојот, а се затвораат во 22:00 за да се даде можност да не се брза, како јас која ќе завршам еден куп други, се разбира многу важни работи, кога ќе седнам на крајот на денот и ќе ги гледам вестите и ќе се сетам – уф, ама не гласав и ќе отшетам нога пред нога до куќичката кај црквичката.
Никој не ти бара ништо. Мислам од документи. Само добра волја да дојдеш и да си ја извршиш граѓанската должност и да гласаш. Во Велика Британија нема лични карти – имаше едно време дискусија дека треба да ги има, па се разви полемика дека тоа било ограничување на граѓанските/човековите права и слободи па тоа некако замре, макар што мислам дека со имиграцијата која никако не можат да ја контролираат, може и ова пак „да живне“ ама засега нема а пасош не ти бараат зашто половина и повеќе Британци немаат пасоши, возачки дозволи и слични средства за идентификација.
Има што нема
Но, да се вратам јас на гласањето. Значи, доаѓам на гласачкото место, тројца седат и очигледно им е здодевно, им донеле пица и сокчиња да закрепнат – добар ден, добар ден, во мојот случај добра вечер, која сте, кажувам адреса, со линејка и молив ме наоѓаат на списокот, ми даваат ливче, ми кажуваат повелете кон една од трите кабини, влегувам, заокружувам (моја работа за кого!) излегувам, надвор еден пензионер на пластично столче ме прашува: гласавте? Му велам фала на прашање, да. И – толку.
Така (речиси) сигурна сум ќе биде и денес.
Нема полнети автобуси од Кардиф и Белфаст да гласаат во Вимблдон. Нема расипани лифтови во зградите во Тауер Хамлетс и Пекам. Нема батки со бејзбол палки (а се игра бејзбол како спорт, се игра). Нема истетовирани со фантомки да влезат и да кршат и да крадат гласачки кутии (а има и истетовирани – мода е и фантомки – се краде по куќи и продавници). И нема уцени на вработени во лондонски железници, метро и училишта дека ако не дојдат масовно да гласаат за Тереза Меј, поарно утре да не доаѓаат на работа! Гласа кој сака и како сака. Може и по пошта, ако се пријави претходно. Е сега, имаше некој мал скандал со гласањето по пошта дека добиле покани луѓе кои не сакале, ама ако не сакаат, не мораат, нели?
Сега малку факти
Се гласа во 150 општини (сите 36 општини во Лондон) за 4.371 советнички места во Лондон, Манчестер, Бирмингем, Лидс и во Њукасл. Во другите области се гласа за третина од советничките места. И за шест градоначалнички функции. Гласањето главно ќе врти околу две теми – Брегзит и имиграцијата.
Владејачката конзервативна парија, Ториевците, се надеваат да потсоберат гласови од делови на земјата кои гласаа за напуштање на Европската унија. Тие се надеваат дека УКИП (националистичката партија ) на Најџел Фараж која им го одработи Брегзит нема да им ги земе гласовите како во 2014 година.
Лабуристите, пак, кои освоија неочекувано голем број гласови на претходните избори велат дека се внимателни оптимисти. Лидерот Џереми Корбин повика да и се покаже на владата дека „што е многу, многу е“ и дека треба промена на правецот, ама не покажа во која насока. Либерал-демократите кои се за останување во Европската Унија и заедно со екслидерот Ник Клег претрпеа голем неуспех, се надеваат дека на овие избори ќе добијат мандат за втор референдум и дека ќе го поништат Брегзит.
Така што, ќе биде интересно и добар тест за расположението на Англичаните без Шкотска, Велс и Северна Ирска. Резултатите ќе се знаат уште вечерва. Тука е прашање на престиж кој прв ќе ги преброи гласовите и ќе биде истакнат во медиумите – еве оние од Рочдејл први соопштиле, радости! Некако мислам дека оние моиве поспани од изборната комисија од Вимблдон, нема шанса ниту во потесна конкуренција да влезат. Гарант уште ја дојадуваат пицата.