Изборите за претседател на Друштвото на писателите на Македонија покажаа дека на најстарата – 71 година, и најмасовна асоцијација – 540 членови – не и се пишува добро. Дека полека но сигурно и истекува, ако веќе не и поминал, рокот, односно векот на траење. Така може да се толкува фактот што од вкупно 540 членови, дури 538 не сакале или не ги интересирало да се најдат на функцијата претседател на Друштвото. Зашто, кандидатурата, меѓу другото, обврзуваше да се понуди некаков план за иднината. На ДПМ, се разбира.
Во трката помеѓу двете кандидатки победи Соња Стојменска-Елзесер (втора беше Оливера Доцевска), книжевен научник и есеист. „Долго време ДПМ беше предводено само од мажи и таа стереотипна слика се надевам ќе се сруши, бидејќи и реалната ситуација покажува дека жените се апсолутно рамноправни во творечкиот живот на Македонија“, рече Стојменска-Елзесер. Проблемот со ДПМ не е во тоа што го воделе само мажи (таа традиција ја прекина Светлана Христова-Јоциќ во 1996 година), туку што го довеле во ситуација на клиничка смрт кога станува збор за неговото место и влијание во клучните настани кои го одбележуваат општеството. Неговата громогласна тишина стана најкреативниот ангажман и заштитен знак на Друштвото.
Стојменска-Елзесер во програмата вели дека ќе се залага за заштита на достоинството и угледот на писателите, за гласност на писателската фела во општеството, за тоа творештвото со својата естетска вредност да избие во прв план, да има достоен третман, вреднување и афирмација дома и во странство. Ако тоа значи дека Друштвото не направило или дека не прави ништо од сето тоа, тогаш и успехот на нејзиниот ангажман како жена претседател ќе биде целосно рамноправен, значи ист со тој на мажите. Во секој случај, загубата нема да биде преголема.