Високите претставници од Светска банка, од УНДП (ОН) и од ЕУ ги поздравија резултатите од Истражувањето за социо-економската положба на Роми во Македонија, што покажуваат најдобри постигнувања во Македонија за положбата на граѓаните Роми, во однос на другите земји од Западен Балкан информира Владата.
Директорот на Канцеларијата на Светска банка во земјава, Марко Мантованели, Шила Марни, претставничка од Регионалната канцеларија на УНДП од Истанбул, Луиза Винтон, постојаната претставничка на Програмата за развој на ОН (УНДП) и Никола Бертолини, раководител на Секторот за соработка во делегацијата на ЕУ изразија почитување за посветеноста на премиерот Зоран Заев, како и на министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и на Владата кон политики на одржлив развој и еднакви права и можности за сите граѓани во Македонија и посочија дека ваквиот тренд треба да продолжи за да се добијат уште повидливи резултати за ова прашање кое што е предизвик за регионот, но и за Европа.
Премиерот Заев, во воведното обраќање рече дека “охрабруваат податоците што упатуваат на подобрување на условите за живот на Ромите во Македонија, во споредба со другите држави од Западен Балкан“.
– Одлучно ја градиме Република Македонија во едно општество за сите, со еднакви шанси за сите, како што пишува во Уставот, според правото на еднаквост со кое што се раѓа секој граѓанин. Оваа граѓанска Влада, во соработка со граѓанските организации ќе обезбеди социо–економска стабилност на сите граѓани на Македонија. Ќе продолжиме да мотивираме со нашите политики на еднаквост во регионот – рече премиерот Заев.
Тој додаде дека според истражувањето, забележан е напредок во запишувањето граѓани Роми во нашата земја, во основно или пониско средно образование – оваа стапка во моментов е највисока од сите други држави во Западен Балкан. Или, третина од граѓаните Роми (31 процент од граѓаните на возраст од 22 до 25 години) завршуваат високо средно или терциерно образование во земјава и тој процент е повторно висок во Западен Балкан.
Премиерот посочи на активностите на Владата согласно меѓународните увиди за значењето на предучилишното образование во животот и понатаму на пазарот на труд.
– Во рамки на проектот Инклузија на деца Роми во предучилишни установи, во текот на учебната 2017-2018 година, запишани се вкупно 514 деца Роми, во 19 општини во Македонија, или 82 отсто од предвиденото. Потребни ни се резултати за активирање на граѓани Роми, од 18 – 24 години, во училиште или обука, или на пазарот на трудот. Се заложивме како Влада, во соработка со граѓанскиот сектор и во моментов функционираат 12 ромски информативни центри, во 12 општини во земјава за информирање, советување, упатување на Ромите, за остварување на нивните права – рече Заев.
Владата веќе донесе програма со којашто се ослободуваат од плаќање здравствена партиципација децата, чии родители се корисници на правото на социјална парична помош, што во голем дел ги опфаќа ромските семејства.
Истражувањето покажува дека речиси сите Роми сега поседуваат лична документација. Управата за водење матични книги отвори Оглас, за сите лица кои не се регистрирани во Матичната книга на родени, со оглед на информациите што ги имаме дека околу 600 Роми, според евиденциите, се соочуваат со овој проблем.
Владата, преку МТСП и заедно со граѓанските организации исто така сериозно е посветена на подигнувањето на свеста во врска со ризиците од раното стапување во брак. За приоритетните прашања за граѓаните Роми, се одвојуваат пари и од централниот буџет, а посветени сме и на изнаоѓање донаторски средства.
– Но неопходно е, сите, како општество, да ги надминеме предрасудите и повикувам, секој од нас, граѓанин, институција, општина, претпријатие, да биде потенцијален мост на соработка. Од социо-економски аспект, говориме најмногу за интеграција во приватниот сектор и прилагодување на специфичните потреби на ромската популација, со особен фокус на вработување и социјални реформи коишто ќе значат правилна интеграција и во пракса, како што се и на хартија – рече Заев.
Политичкото учество на Ромите во донесувањето одлуки што се поврзани со унапредувањето на положбата на Ромите, како позитивен модел во Македонија и во регионот,се очекува допрва да даде видливи резултати. Има политичка волја за вистинска имплементација на Стратегијата. Ги следиме европските препораки, меѓу коишто е и Европската Платформа. И Македонија ќе покаже дека освен што ја има единствената општина во светот каде што мнозинството граѓани се Роми и зборуваат на својот мајчин јазик, во исто време сме и држава што ги развива правата за сите граѓани. Ќе продолжиме да мотивираме, ќе водиме и предводиме во унапредувањето на правата на Ромите во регионот, рече премиерот Заев.
Пред присутните се обратија и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и министерот без ресор Аксел Ахмедовски. Министерката Царовска посочи дека заложбите продолжуваат во насока на намалување на јазот меѓу граѓаните, со цел “еднаков пристап до права и услуги за сите“.
– Претстојната социјалната реформа преку воведувањето минимален адекватен приход ќе помогне посебно на социо-економски најзагрозените граѓани, меѓу кои се и граѓаните Роми – рече министерката Царовска и најави активности за функционални населби.
– Ја поздравувам политичката посветеност на Владата за подобрување на условите за живот и работа на граѓаните Роми и очекувам тоа да придонесе кон намалување на иселувањата на младите граѓани Роми од државата – рече министерот Ахмедовски.
На Презентацијата се обратија и претставниците на ЕУ, Светска банка и УНДП.
– ЕУ ја поздравува посветеноста на оваа Влада во процесот на инклузија на Ромите, воедно ЕУ ја поздравува и заложбата на оваа Влада за вклучувањето на Ромите во општеството, вклучително и Ромите без лични документи – рече раководителот на Секторот за соработка во делегацијата на ЕУ, Бертолини, кој посочи на важноста од координиран пристап во решавањето на прашањето.
Директорот на Канцеларијата на Светска банка во земјава, Мантованели рече дека очекува резултатите од Истражувањето да помогнат на владите од регионот. “Прашањето за инклузијата на Ромите не е само предизвик за регионот туку за цела Европа. Со податоци и анализи може да се носат поефективни политики, програми и иницијативи.”
– УНДП придонесува со тренинзи и менторски програми, за подобрување на стапката на успех во програмите за креирање работни места за граѓаните Роми, ќе продолжиме со поддршката – рече Постојаната претставничка на Програмата за развој на ОН (УНДП), Луиза Винтон.
Таа ја поздрави одлучноста на Владата да ја подобри состојбата на Ромите и изјави дека Обединетите нации ќе продолжат да ги поддржуваат напорите за остварување на Глобалните развојни цели – за никој да не биде изоставен.