На поранешниот градоначалник Марјан Ристески и на уште пет лица прилепскиот Основен суд им изрече мерка за претпазливост, при што им се одземени патните исправи.
Тие мора неделно да се пријавуваат во Судот. Мерката е поврзана со истражната постапка што се води по кривичната пријава за злоупотреба на службената положба и овластување поради сомнежи за местење тендери за зимско одржување на градот, информираат од Основниот суд во Прилеп.
Според Жарко Велески, портпаролот на Судот, оваа мерка е на барање на прилепското основно јавно обвинителство.
– Мерката за претпазливост е изречена за сите осомничени што вклучува одземање на патните исправи. Поднесена е жалба на оваа мерка и наскоро Кривичниот совет на судот треба да се произнесе по жалбата – вели Велески.
Во април прилепската полиција поднесе кривична пријава за злоупотреба на службената должност и овластување против поранешниот градоначалник на Прилеп Марјан Ристески, но и уште против четири лица, со иницијали И.К. (63), Љ.М. (58), И.Ч. (67), Б.Н. (54), а против едно лице, со иницијали М.С. (59) за злоупотреба на постапка за јавен повик.
Кривично е пријавена и фирмата „Пела транс“ ДООЕЛ од село Мажучиште, Прилепско, а во врска со кривично дело „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“.
Сите пријавени овозможиле фирмата „Пела транс ДООЕЛ“ од село Мажучиште да се стекне со противправна имотна корист, по склучени Договори за јавни набавки за зимското одржување на улиците и патиштата на територијата на општина Прилеп за периодот од 2012 до 2017 година во висина од 77.031.890 денари, пари од буџетот на општината Прилеп.
Истражната постапка е во тек.