Богоев договара соработка со градоначалничката на Манчестер

Престојот на градоначалникот на Карпош во САД е дел од размената на знаења и искуства со млади лидери од различни држави.

367

Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, кој e во неколкудневна посета на Соединетите Американски Држави, во придружба на македонската делегација на млади лидери, се сретна со градоначалничката на градот Манчестер од Сојузната држава Њу Хемпшир, Џоис Крег.

На средбата, Богоев даде краток осврт за развојот на Општина Карпош истакнувајќи ги главните особености на локалната самоуправа, нејзината позиционираност и визијата за иден развој и напредок.

Првата жена – градоначалник на Манчестер, Џоис Крег, се осврна на системот на локална власт во САД и ја презентираше својата визија за Манчестер. Госпоѓа Крег посочи дека е посветена на градење локална заедница во која граѓаните ќе сакаат да живеат и работат заедно со своите блиски.

Идентична долгорочна цел во својата програмска ориентација и во практичното работење има и градоначалникот Богоев кој напомена дека заедно со својот тим е посветен Општина Карпош да одичекор понапред во секој поглед.

– Карпош е една од најголемите општини во Градот Скопје. Затоа сме фокусирани кон рамномерна урбанизација во сите делови од Општината. Тоа подразбира обезбедување квалитетен живот во сите урбани заедници, не само справување со елементарните, инфраструктурни проблеми, туку и подигнување на стандардите на полето на екологијата, како и искористување на обновливите извори на енергија – дополни градоначалникот Богоев со презентација на дел од своите програмски цели.

Од остварената средба беше изразена надеж дека општините ќе остварат поблиска соработка и вмрежување во претстојнниот период.

Престојот на градоначалникот на Карпош во САД е дел од размената на знаења и искуства со млади лидери од различни држави. Посетата е во организација на Амбасадата на САД во Република Македонија и Американскиот Совет на млади политички лидери.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...