Светот околу нас, Уметност и уште четири други предмети во второ и трето одделение

Вкупниот фонд на часови на неделно ниво во второ одделение треба да изнесува 19, а во трето 20 часа. 

673

Ревизијата на наставните планови и програми заврши, подготвени се новите наставни планови и програми за второ и трето одделение, соопштија од Министерството за обраование и наука (МОН) објавувајќи ги предлог наставните програми.

Според предлогот на МОН, учениците во второ и трето одделение ќе учат по шест предмети: Мајчин јазик, Англиски јазик, Математика, Светот околу нас, Уметност и Физичко и здравствено образование.

Неделно и во второ и во трето одделение најмногу часови или секој ден, учениците ќе имаат по предметот Мајчин јазик. Четири часа неделно се предвидени за Математика, а по три часа неделно децата ќе имаат Уметност и Физично и здравствено образование. Англиски јазик ќе се изучува на два часа во текот на неделата.

За предметот Светот околу нас во второ одделение се предвидени по два часа неделно, а во трето по три.

Со ова вкупниот фонд на часови на неделно ниво во второ одделение треба да изнесува 19, а во трето 20 часа.

„Министерството за образование и наука бара и очекува од наставниците од одделенската настава, како и сите компетентни и заинтересирани лица, активно да се вклучат во процесот на градењето на новиот модел за основно образование и да достават свои критики, коментари и предлози за подобрување на новите наставни програми за второ и трето одделение“, пишува во соопштението.

Коментари и предлози, нагласуваат оттаму, ги очекуваат на npp@mon.gov.mk , а можете да се достават и до архивата на Министерството за образование и наука (ул. Св. Кирил и Методиј бр. 54).

Програмите може да се погледат ТУКА.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...