Сѐ почесто не напаѓа носталгичната треска по Tитовата „балканска унија“. Од мноштвото, како творба, опсипувана со комплименти, фалена, од други пак, кудена и оспорувана.
Денот на трудот најчесто го користиме како посебен повод за да се испушти некоја позабележлива емотивна воздишка по неа, што е, да се признае, некој вид празнење на душата од сите хаварии, бумеранзи и кошмари што нѝ навтасаа по „демократските процеси“ што ни ги изрежираа лидерските каубои, опчекорени во седлата на републичките национализми.
Со тие витези на конфликтноста, безмалку сите влеговме во некој вид безвоздушен, лебдечки простор, во кој невозможно стана и меѓусебното препознавање – на својот и на ближниот. Се осведочивме уште еднаш дека од колажот на нашата менталност, не исчезнале боите на мракобесието. Не сме се ослободиле од епидемичноста на балканското злокобие.
Ништо од ветувачкото галопирање кон спектаклите на модерните, високоцивилизирани и демократизирани системи. Некои од таа Федерација, со димензии од нешто повеќе од дваесет милиони жители, уште со првите чекори за распад, им се вратија на инстиктите од таканаречениот балкански канибализам.
Небесводот го опкрилија некакви бели орли, црни врани, комити, тројки, четници, усташи и учки, и сите, до последиот, функциоираа безмалку на истото погонско гориво – на жестокиот етнонационализам. Почнаа зашеметувачки брзо да се вртат проекциите на старите шеми за митовите на минорните големи народи, со болни визии за широки простори, за кои Балканот очигледно е претесен. За да се реализираат нивните мегаломански државни амбиции, според филозофијата на милитантноста, нема друга формула, освен балканското буре барут да доживее некоја нова катаклизмична драма.
Илузорно е да се верува дека подолните игри на лудите вжештени глави се завршени. Не се ниту малку наивни или депласирани повремените укажувања или предупредувањата на некои светски аналитичари за проектите од задкулисјата за нови резови на балкаскиот простор, со кои нашата Македоија би го доживеала најболниот засек.
Убаво, та дури и благородно е да се биде носталгичен по времето што изминало. Но, ова е фазата во која мора да се биде апсолтно реален и рационален. Што би рекол нашиот мудар предок, за да се опстане, треба да се отворат сите четири. Ние, колку и да си ја качуваме вредносната цена, сепак, за светот сме „слепото“ балканско црево, кое дури и анатомски (стратешки) гледано, нема баш некоја значајна функција. Ова е време на одлучување. Во мигов, ЕУ и НАТО се дестинациите во чиј пристан би се избегнале неизвесностите што дебнат од балканските сцили и харидби. Со блажени бајки се успиваат само децата. А ние токму ним им должиме живот во спокој.