Груевски и уште 20 обвинети денеска на ново судење за „Титаник“

Претходното рочиште беше одложено бидејќи се уште немаше решение за барањето на адвокатите на обвинетите за изземе судечкиот совет, претседателот на Кривичен и на двајца судии од Апелација.

258

Во Кривичниот суд за денеска е закажано ново рочиште за предметот „Титаник“,  што е прв случај обелоденет од Специјалното јавно обвинителство.

Покрај поранешниот премиер Никола Груевски, во овој случај обвинети се и поранешните функционери Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

Тие се осомничени од СЈО за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година. 

Претходното рочиште беше одложено бидејќи сѐ уште немаше решение за барањето на адвокатите на обвинетите за изземе судечкиот совет, претседателот на Кривичен, неговиот заменик, како и претседателката и заменикот на Апелациониот суд.

Адвокатите побараа изземање поради сомнеж дека судиите се дел од нелегално прислушуваните разговори. Тие посочија дека специјалната обвинителка Катица Јанева во телевизиско интервју кажала дека постојат судии кои биле прислушувани и постапуваат по предметите на СЈО. Еден од адвокатите испратил барање да му кажат кои се прислушуваните судии, но Јанева сѐ уште не одговорила, па затоа се побара изземање на целиот судечки совет, претседателите и замениците на Кривичен и Апелација.

Поради низата одложувања, предметот сѐ уште не почнал односно се наоѓа на почеток.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...