Италијански новинар предупредува: Не го препуштајте Балканот на историските кавги

Емануел Макрон е во право: пред да се прошири ЕУ, мора прво да се реформира, но по реформата никој да нема ништо против интеграцијата на земјите од Западен Балкан во Унијата.

496

Дописникот од Брисел на италијанскиот весник „Република“ Алберто Дарџенио тврди дека претседателот на Франција Емануел Макрон е во право: пред да се прошири ЕУ, мора прво да се реформира, но по реформата никој да нема ништо против интеграцијата на земјите од Западен Балкан во Унијата, пренесува О21.

Како што пренесува Дојче Веле, во авторската статија за германскиот весник „Велт“ под наслов „Какво било проширување на ЕУ“, новинарот на италијанскиот дневен весник „Република“, Алберто Дарџенио пишува дека во 2025 година ЕУ може да се состои од најмалку 31 партнери – ако до тогаш сè уште постои.

Србија и Црна Гора веќе преговораат за пристапување, Албанија и Македонија наскоро може да ги започнат преговорите, а на крајот на ред може да дојдат Косово и Босна, се вели во текстот и се додава дека иако некои европски престолнини сакаат да го успорат малку тој процес, во принцип никој во Европа не се противи на интеграцијата на земјите од Западен Балкан.

Сѐ уште се свежи сеќавањата на крвавата војна во регионот по распадот на Југославија, како и затегнатите односи кои и понатаму постојат помеѓу тие земји, се вели во текстот.

Авторот потсетува дека францускиот претседател Емануел Макрон рече дека не е за прием на нови земји членки во ЕУ пред реформирање на Европската унија, иако него никој не може да го обвини дека е противник на Европа, исто како што никој не може да замисли да ги препушти балканските земји на нивните историски расправии наместо да ги донесе во Европа.

Европската Унија има 28 земји-членки, а веќе сега не може да се управува со неа, пишува Дарџенио и потсетува дека „северна и јужна Европа со години безуспешно се расправаат околу реформата на еврото, додека западна и источна Европа не можат да се договорат околу темата наречена доселување, а ниту пак да смислат некоја нова идеја која би можела да ја оживее европската интеграција“.

„Таквите спорови предизвикуваат тромост на ЕУ и водат во стагнација предизвикана од популизмот кој се шири низ целиот континент. Во оваа борба всушност се работи за нешто многу повеќе, имено, за идниот идентитет на Европа. Дали тој ќе остане верен на либералната демократија или на либералните демократури кои веќе се појавија во некои земји?“, оценува авторот.

Додавајќи дека „Макрон е единствениот шеф на влада кој сѐ уште сака да ја реформира Унијата, кој отворено зборува за тоа дека таа треба во однос на своите граѓани да добие нов суверенитет и да биде достојна за почит“. Авторот смета дека тоа е „разбирлив проект“, но дека наидува на одреден отпор.

Макрон е во право: пред Европската унија понатаму да се прошири, мора пред тоа да се реформира. И тоа барем така да се укине правото на вето на поединечните држави и да се воведе мнозинско одлучување, инаку управувањето со ЕУ ќе стане невозможно, пишува Дарџенио.

Тој додава дека пред да се почне со приемот на балканските земји, што може да трае седум или осум години, до почетокот на 2019 година би требало да бидат подготвени реформите, пред сѐ на еврото и миграционата политика.

– Тоа го истакнуваат сите, но со исклучок на Макрон никој нема храброст да поверува во тоа навистина. Наместо тоа, лидерите повеќе сакаат да се вклучат во краткорочни политички игри, а не да се впуштат во вистинска визија за иднината. Сегашната водечка политичка елита на Европа мора конечно, по многу зборови да прејде и на дела, инаку ризикува да биде одвеана од политичката карта на континентот. А тоа ќе значи крај на оваа Европска унија – заклучува италијанскиот новинар Алберто Дарџенио во текстот за „Велт“, пренесува Дојче веле.

Подготви: А.Ј.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...