Богатите фолиранти – борци за работнички права

Ние, ЦИВИЛите постојано пишуваме и говориме, откриваме и објавуваме. Организираме настани преку целата година, јуриме низ целата земја, разговараме со стотици луѓе неделно.

661

Неколку мои читател(к)и ми се јавија или ми пишаа веднаш по мојот рафал за прегратката меѓу синдикатите и газдите. Повеќето од нив споделија со мене свои горчливи искуства со газди и шефови во компаниите, институциите и синдикати, па и со медиумите. Некои ме потсетија на извештаите, анализите и соопштенијата што моите другарки и другари ги објавуваат постојано и ни честитаа. Некои ме дополнуваа и „потсетуваа” на социјалните мрежи. Сите тие реакции ме доведоа до заклучокот дека мојот првомајски рафал треба да продолжи.

Ние ништо не забораваме и не простуваме, ништо не премолчуваме. Ние, ЦИВИЛите постојано пишуваме и говориме, откриваме и објавуваме. Организираме настани преку целата година, јуриме низ целата земја, разговараме со стотици луѓе неделно. Преку целата година, кога е најстудено и кога е најтопло, а не само во пар мајски денови, пригодно.

Но, дали треба да ги спомнувам тие што молчеа, а можеа да говорат? Кои беа тие? Што правеа? Понекогаш „конструктивно” критикуваа, спроведуваа „истражувања” дебело платени од донаторите, а не мрднаа со газовите од удобните канцеларии. Регистрираа невладини организации, лапаа пари и ги затвораа, за утредента да отворат нова, невладини се претставуваа(т) како синдикати, синдикатите станаа агитпроп штабови…
Тие ли? Или оние што му переа пари на режимот на Груевски, а сега се газди во „професионални и неутрални” медиумски проекти… Седеа на сите столици на кои имаше барем малку г’з место. Па така седнаа и на столиците по падот на режимот, некои од нив дури и поудобно отколку во времето на Фамилијата. За нив, ете, не важеше поговорката „кој на две столици седи…”

Тука се и хистеричните Фејсбук-милитанти кои најдоа лесни мети, бидејќи сега навистина може да се говори слободно. Барем неспоредливо послободно отколку до пред една година. Всушност, мета им е демократијата. Ги заболе нив за сѐ, само сакаат да врескаат колку што може погласно, за да прикријат нешто: се „разбудија” кога беше повеќе од јасно дека режимот паѓа. Пред тоа молчеа, а многумина и колваа од трошките што ги фрлаше Фамилијата на подот, покрај чизмите. Додека колваа од трошките, по малку ги забришуваа и чизмите на деспотот, да л’снат посилно. Но, тие и не се најголемиот проблем. Грди и непријатни се, но кога ќе види човек колку се глупави, му станува некако жал…

Тие што молкум, поднасмевнати се движат низ настаните… погледнете ги тие. Имаат големи, нечесно спечалени пари од дилови, провизии, бакшиши и донации. Нивните богатства вредат стотици илјади, па и милиони евра. Можеби изгледа неверојатно за некој што цел живот работел и ни оддалеку не спечалил ни за покрив над глава, но да се биде невладин или медиумски фолирант и гомнар е супер профитабилно. Ете, тие и таквите се „главните“ борци за човекови права, за социјална правда, за демократија, за работнички права… Корумпираните синдикати и лажните левици не можат до збор да дојдат од нив, кутрите. А колку сакаат да се „остварат“!

Денеска, сите се борат за трошка внимание од угнетените. На Први Мај. Веќе на 3 мај имаат друга тема – слобода на медиумите, онаа истата во чие задушување самите сесрдно учествуваа. Па идат и други мајски денови и вечери, па јубилеен месец по повод 25 години Сорос во Македонија, ехеее, многу дешавки на фолирантските агенди. Мај е многу напнат месец, нема што, многу настани на кои мора да се искриви лицето во снисходливи гримаси. Ова работнициве можеле и во некој друг месец да добијат ден на своите права, што баш мај, ама ајде, ќе издржиме. И онака е само еден ден одбележување на работнички права сега (Азевски побара – Груевски оствари), наместо поранешните два дена.

Да, сите овие фолиранти денеска ќе напишат по некој збор, ќе излезат на приредба-протест за (навистина!) важни теми, но расцепкани и несолидарни затоа што меѓу себе не се трпат, затоа што имаат различни газди (УДБА, КОС, КГБ, Мијалков, Грујо…). Ќе се обидат да го привлечат вниманието на угнетените, да им се додворат, секој со своите мотиви и интереси и… толку.

За тоа време, угнетените ќе ја искористат можноста, на овој убав сончев ден, да направат некоја скара, колку може – толку, да се видат со семејствата и пријателите, да испијат некој литар ракија, некоја гајба пиво. Веќе утре тие мора да продолжат со својот тежок живот, угнетени од бескрупулозните газди, шефовите блиски до газдите и од системот и праксата наследени од диктаторчето, а сѐ уште не сменети.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...