Фудбалерот на Пари Сен Жермен и бразилската репрезентација, Нејмар де Силва Сантос Јуниор, ќе биде подготвен за почетокот на Светското првенство во Русија.
Од ПСЖ соопштија дека лекувањето на Нејмар добро напредува и дека прогнозите се исклучително добри.
– Резултатите од тестовите покажаа дека Нејмар добро заздравува од повредата на скочниот зглоб и стапалото. Тој повеќе не носи гипс или други помагала кои му ја имобилизираат ногата. Во следните денови ќе знаеме како ќе се одвива рехабилитацијата понатаму – соопштија од клубот.
Нејмар се повреди кон крајот на февруари и пропушти голем дел од сезоната во ПСЖ, а по првичните проценки за сериозноста на повредата предизвика загриженост во Бразил поради неизвесноста за неговиот настап во репрезентацијата.