Директорката на „Св. Кирил и Методиј“ од Неготино поднесе оставка, по екскурзијата во Италија

1739

Директорката на неготинското средно училиште „Св. Кирил и Методиј“ Менча Зафирова од морални причини поднесе оставка, по настаните и обвинувањата поврзани со екскурзијата на средношколците во Италија.

Од Службата за односи со јавноста на Општина Неготино се наведува дека и покрај одличната соработка и многуте започнати и реализирани проекти со цел подобрување на условите за непречено одвивање на наставно-образовниот процес во училиштето, директорката Зафирова, иако, како што стои, не е директно виновна за случувањата на екскурзијата, од морални причини до градоначалникот Тони Делков доставила писмена оставка на функцијата вршител на должноста директор.

Градоначалникот Делков ја прифатил оставката, се заблагодарил на досегашната одлична соработка и најавил постапување согласно неговите законски овластувања.

Екскурзијата на неготинските гимназијалци стана позната во јавноста, откако двајца средношколци биле оставени во Италија, а имаше и обвинувања околу самата организација на екскурзијата, но и за однесувањето на дел од учениците.

Советот на родители ја обвини Агенцијата која го организирала патувањето, а случајот го испитува и Министерството за образование и наука.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...