Десетина дена пред крвавиот настан кај Смилковско Езеро, Зоран Трајковски, актуелен полициски службеник во Полициска станица Драчево (поранешен началник на Секторот за оперативно изведување 1998-2003 година) имал информации дека за Велигденските празници, ќе биде нападната полициска патрола или ќе настрадаат невини луѓе.
Во својот исказ за предметот „Монструм”, сведокот Трајковски, истакна дека овие информации сакал да им ги каже на директорите на БЈБ, Љупчо Тодоровски-Радникот и Сашо Мијалков, директор на УБК, но тие не прифатиле да одржат средба.
– Околу 40-50 дена пред настанот добив информации дека во Липковскиот регион се појавиле паравоени униформирани формаци, кои освен знакот на УЧК, имале и значка на Илирида. За овие сознанија го информирав началникот на УБК во Куманово. Исто така и Синиша Алексовски сакаше лично да се увери, да ги види паравоените формации, но на крај не отидовме – рече сведокот Трајковски.
Тој кажа дека за овие податоци контактирал со пратеникот Васил Пишев, кој го поврзал со пратеникот Веле Ѓорѓиев. Во својот исказ сведокот посочи дека пратеникот Ѓорѓиев бил фрапиран од тие информации и му кажал дека ќе контактира некој функционер од Военото разузнавање.
– После неколку часа ми се јавија и дојдоа во ПС Драчево. Ме земаа со службено возило и отидовме во просторите на Военото разузнавање – Г2. На оваа средба им кажав се што знам за безбедноста состојба и наведените информации – истакна Трајковски.
После состанокот во Г2, утредента сведокот Трајковски, бил повикан на разговор и од својот командир во ПС – Драчево, кого го информирал за разговорот и истиот побарал да напише службена белешка, воедно и оперативна информација. За сето ова сведокот наведе дека го информирал и Никола Младенов, сопственикот на „Фокус”, со кого имал пријателски односи. На таа средба присуствувал и новинарот Бранко Геровски, односно по негова препорака тој остварил средба со новинарот Влатко Стојановски кого го брифирал за неговите сознанија за паравоените формации.
Сведокот Зоран Трајковски, исто така наведе дека информациите за можни инциденти пред Велигденските празници добил од два извори од лица од албанска националност, од кои едниот бил од Косово, а другиот од Скопје.
– После овој настан, некаде на средина на април, заменик-командирот на ПС – Драчево, ме викна да се појавам во базата. Кога отидов во неговата канцеларија беа присутни и две други лица кои не ги познавав. Тие ми кажа дека ќе прошетаме малце за средбата што сум ја барал со директорите. Ме разоружаа, ми кажа да ја оставам значката. После тоа се качивме на возило. Отидовме во зградата на Петата Управа. Таму останав не по своја волја од 8.30 и 19.20. Минимум шест саата ме прашуваа за „Монструм”. Ме праша зошто сум бил во Воено разузнавање. Им кажав дека сум барал прием кај нив и дека не ме прифатиле. Секој пола час излегуваа и се враќаа со ливчиња и поставуваа прашања – изјави Трајковски.
Следното рочиште за „Монструм”, e закажено за 16 април, за кога е предвидено да сведочат последните двајца сведоци предложени од обвинителите.