Четворица во домашна изолација во Штип, ќе се тестира лице од Кочани со сомнителни симптоми на коронавирус

202

 Во домашна изолација се вкупно четворица здравствени работници од Кожното одделение во Клиничката болница во Штип, писмено денеска информираа директорите на таа јавна здравствена установа и на Центарот за јавно здравје, Ален Георгиев и Марија Димитрова.

Во соопштението се наведува дека лекарките присуствувале на симпозиумот во текот на викендот на кој бил присутна и директорката на Клиниката за кожни болести во Скопје за која е потврдено дека е позитивна на тестот за коронавирус.

„Веднаш се преземени сите превентивни мерки согласно препораките на Комисијата за заразни болести. Лекарките се епидемиолошки анкетирани и со решение на Државниот санитарен и здравствен инспекторат се ставени под здравствен надзор и домашна изолација. Направена е дезинфекција на амбулантата и Одделот за дерматовенерологија во Клиничка болница Штип“, се вели во соопштението доставено до медиумите.

Во него се наведува дека до следните препораки од Комисијата за заразни болести прегледите и хоспитализацијата на Кожното одделение во Штип се стопирани. Надлежните од Центарот за јавно здравје во Штип информираат дека им е најавено од страна на епидемиолозите од Кочани дека во изолациска болничка соба на Инфективното одделение треба да се донесе маж кој има сомнителни симптоми и на кого треба да се направи тест.

Двајцата директори велат дека сите информации и препораки ги соопштува министерот за здравство Венко Филипче и како надлежни институции се во постојана комуникација со него и со Комисијата за заразни болести

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...