На Апенините на пат е да се појави нов голем скандал по дербито меѓу Интер и Јувентус во саботата, кое заврши со победа на „старата дама“. Обвинителството во земјата побара два видео записа од натпреварот, во кој четвртиот судија, Паоло Таљавенто, е главниот актер, пишува „Газета дело Спорт“.
Првото видео, јавно објавено на социјалните мрежи, покажува дека тренерот на Јувентус, Масимилиано Алегри и Таљавенто по завршувањето на натпреварот се сретнуваат во микс-зоната, каде што стратегот на „бјанконерите“ дава интервју по победата. Додека Алегри разговара со новинарите, зад него поминува помошникот на главниот судија, Даниеле Орсато на кого тренерот на Јуве му се обраќа пријателски: „Таља, сѐ се разви многу добро. Тој (Орсато) беше многу добар. Поздрави го!“.
Второто видео е снимено по изедначувачкиот погодок на Хуан Куадрадо, а Таљавенто е фатен од камерите во моментот, во кој комуницира со својот колега Орсато. Во видеото јасно се гледа дека двајцата разговараат за дополнителното време на дуелот, но медиумите во Италија тврдат дека арбитерот вели: „Ќе победиме во дополнителното време“.
По „Дерби Д`Италија“ многу фудбалски стручњаци и новинари го нападнаа главниот судија Даниеле Орсато за тенденциозни критериуми на водење на дуелот во кој Интер очигледно, според нив, бил оштетен.
ФОТО: јутјуб