Македонија и Бугарија заеднички претседаваат со Бeрлинскиот процес

58

Во Скопје денеска ќе се одржи состанок на министри за надворешни работи, со кој ќе се означи почетокот на заедничкото претседателство со Берлинскиот процес на Северна Македонија и Бугарија за 2020 година.

Освен шефовите на дипломатии на земјите кои учествуваат во Берлинскиот процес од Европската Унија и Западниот Балкан, на состанокот ќе земат учество претставници на институциите на ЕУ и Советот за регионална соработка.

Меѓу министрите за надворешни работи кои ќе учествуваат на состанокот ќе бидат на Албанија Гент Цакај, на Бугарија Екатерина Захариева, црногорскиот министер Срѓан Дармановиќ, на Србија Ивица Дачиќ, на Германија Хајко Мас, италијанскиот министер за надворешни работи Луиџи ди Мајо…

Состанокот, како што соопшти МНР, ќе го отворат министерот за надворешни работи на Северна Македонија Никола Димитров, министерката за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева и шефот на германската дипломатија Хајко Мас. Предвидено е поздравно обраќање од страна на претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски.

Првпат од 2015 година се случува земја-членка и земја-кандидат заедно да копретседаваат со Берлинскиот процес. Заедничкото претседателство на Бугарија и Северна Македонија е со силен сигнал за регионално сопствеништво и можност за претставување на важни регионални теми во поширок европски контекст.

За време на состанокот ќе биде најавена приоритетната агенда на заедничкото претседателство која цели кон зајакната интеграција и поврзување меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан на политички, правен и социо-економски план. Ќе се дискутираат теми поврзани со регионалната соработка и европските перспективи на регионот во контекст на мартовскиот Европски совет и Самитот во Загреб. По состанокот се очекува да биде усвоена заедничка декларација. 

– Министерскиот состанок е првиот настан во рамките на заедничкото претседателство со Берлинскиот процес. Воедно, ова е и прво заедничко претседателство на Берлинскиот процес меѓу земја членка и земја кандидат за членство во ЕУ, што е потврда и поттик за зајакнатата регионална соработка во контекст на европските интеграцииСостанокот претставува одлична можност да се демонстрира силна политичка визија и да се упатат јасни, заеднички пораки во однос на регионалната соработка и европските перспективи на регионот пред претстојниот Европски совет и Самитот во Загреб – изјави Димитров во пресрет на состанокот.

Шефицата на бугарската дипломатија Захариева, пак, пред состанокот рече дека Бугарија, како копретседавач со Северна Македонија, е одлучна да продолжи да работи на зголемување на позитивните примери на добрососедски односи помеѓу државите во регионот.

– Ова е начинот за да се загарантира регионалната стабилност и да се разрешат какви било отворени прашања. Состанокот на министрите за надворешни работи од Берлинскиот процес за Западен Балкан во Скопје е првиот од серијата важни форуми кои ги планираме во рамките на нашето заедничко претседателство. Кулминација на нашите заеднички напори под оваа регионална иницијатива за поддршка на европската перспектива на Западниот Балкан, ќе биде Самитот во Софија што ќе се одржи оваа есен – посочи Захариева.

На состанокот се очекува да биде реафирмиран стратешкиот интерес на земјите од регионот да станат полноправни членки на ЕУ, градејќи мирен, стабилен и просперитетен регион во силна и обединета Европа. Се очекува да биде испратена порака дека регионот, во периодот што следува, ќе треба да ја демонстрира својата зрелост и да покаже дека е доверлив партнер за ЕУ во справување заеднички предизвици, врз основа на искрената волја за реформи и конкретни резултати.

Во рамки на заедничкото претседателство, од 8 до 10 март во Скопје се одржува и ТинкТенк Форум организиран од Институтот за демократија Социетас цивилис – Скопје во соработка со Европскиот совет за надворешна политика (ECFR), од Софија.

Во рамки на ТинкТенк форумот ќе говорат министрите Димитров и Захариева, а утре, на заедничките тематски панели учество ќе земат министри за надворешни работи, претставници на ЕУ, Советот за регионална соработка и тинк-тенк заедницата. 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...