Според последните податоци, во светот досега се регистрирани 111.381 луѓе заразени со новиот коронавирус. Од нив починале 3.882 лица, а 62.661 оздравеле.
– Едно лице кое работело на одржување на комплексот Дизниленд во Париз е позитивен на новиот коронавирус, соопшти портпаролот на паркот. Тој рече дека вработениот не бил во контакт со посетители и оти забавниот парк останува отворен.
– Европскиот парламент разгледува предлог за откажување на денешната седница поради епидемијата, најавија двајца неименувани претставници. Седницата требаше да се одржи во Стразбур.
– Во Париз ќе биде ограничена посетата на Лувр.
– Британската Влада ќе се бори со лажните вест во врска со епидемијата на коронавирусот и создаде специјален тим за борба против дезинформациите.
– Британците кои се враќаат од најпогодените делови на Италија задолжително ќе мора да се самоизолираат 14 дена.
– Јужна Кореја соопшти за 96 нови случаи, со што вкупниот број е 7.478. Од вирусот починале 51 човек.
– Виетнам соопшти дека патници што доаѓаат од Кина и Јужна Кореја се ставаат во карантин 14 дена.
– Катар ја прекина наставата во училиштата и универзитетите. Мерката стапува во сила утре.
– Индија ги затвори пристаништата за сите странски бродови за да се намали ризикот од зараза.
– Јапонија соопшти за 16 смртен случај. Се работи за жител на Токио на возраст од 90 години.
– Најголемиот британски синџир на супермаркети Теско ја ограничи продажбата на основни продукти. Купувачите одеднаш можат да купат најмногу пет антибактериски гелови, пет пакети тестенини, млеко и зеленчук во лименки.
– Бројот на жртви во САД достигна 22.
– Во Италија е воведена казна до 206 евра за сите оние кои ќе прекршат забрана за движење без да имаат соодветно оправдување. Казната може да биде преиначена и во затвор до три месеци.
– Крузерите кои влегуваат во Порторико ќе мора да докажат дека на бродот нема коронавирус.
– Најмалку 11 луѓе загинаа во хотелот-карантин кој во саботата се урна во Кина.
– Италијанскиот премиер Конте во интервју за весникот „Ла Република“ рече: Деновиве размислував што читав за Черчил: Ова е нашиот најмрачен момент, но ќе се извлечеме.
– Пациент за кого постои сомневање дека има коронавирус избегал од болница во индискиот град Мангалоре. Се уште се трага по него.
– Иран соопшти дека уште 43 лица починале, со што вкупниот број на жртви се зголеми на 237 починати. Вкупно се заразени 7.161 луѓе, што е за 595 повеќе од претходниот ден.
– Се чини дека жените и децата подобро го поднесуваат вирусот. Повеќето луѓе ќе добијат блага инфекција, но формата на болеста е сосема очигледна кај најтешките случаи.
– Србија донесе одлука да се откажат сите училишни патувања. Забраната се однесува на матурските и студиски патувања и размена на ученици и студенти и важи за сите училишта и универзитети.
– Француската Централна банка ја намали прогнозата за раст во првото тромесечие од 0,3 на 0,1 проценти.
– Една градинка на подрачјето на Барселона е затворена откако една вработена била позитивна на коронавирусот. И тројца членови на градскиот совет на Барселона се во домашен карантин. Во Шпанија има 959 заразени и 25 починати.
– Припадник на персоналот на НАТО во главното седиште во Брисел е позитивен на новиот коронавирус. Тој кон крајот на минатата недела се вратил од одмор во северна Италија и не се чувствувал добро, по што бил тестиран.