„Фајнанс тинк“: Економијата на стабилна патека, во 2019 забележа раст од 3,6 отсто

Експертите на институтот велат дека, растот остана широкопојасен, со блага стагнација кај преработувачката индустрија и кај информациите и комуникациите. На расходната страна, бруто-инвестициите продолжија да растат, рефлектирајќи стабилизација на инвестициското окружување.

41

Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“ во кварталниот Макроекономски монитор за последниот квартал од 2019 година констатира дека домашниот бруто производ (БДП) во овј квартал пораснал за 3,4%, како резултат на стабилната патека која е почната порано. Растот за целата 2019 година изнесува 3,6%, што е целосно во линија со проекцијата на „Фајнанс тинк“ од 3,5%, се вели публикацијата.

Експертите на институтот велат дека, растот остана широкопојасен, со блага стагнација кај преработувачката индустрија и кај информациите и комуникациите. На расходната страна, бруто-инвестициите продолжија да растат, рефлектирајќи стабилизација на инвестициското окружување.

– Во четвртиот квартал, по подолг период, извозот забележа негативен раст (-1.6%), додека растот на увозот значително забави (2,8%), што е одраз на материјализацијата на ризиците на глобалната сцена – констатираат од Институтот.

Оттаму додаваат дека позитивните придвижувања кај БДП се проследени со понатамошно намалување на невработеноста на 16,6%. Овој пад и понатаму се должи на зголемената побарувачка за работници во приватниот сектор, но забавувањето на падот на невработеноста е рефлексија на недостигот од квалификуван кадар, што ќе се провлекува и во следните квартали. Падот на невработеноста кај младите (15 – 24) забележан во претходниот квартал е конзистентен, како одраз на општата состојба на пазарот на труд и активните мерки насочени кон младите.

Finance Think, како што се наведува во публикацијата, ја задржува проекцијата за растот на БДП во 2020 на 4%.

– Но, оваа проекција е под особено изразени негативни ризици. На глобалната сцена тоа е општото забавување на економската активност водено од сѐ уште постојната трговска тензија меѓу САД и Кина, а од почетокот на годината и поради растечката неизвесност сврзана со ширењето на коронавирусот. На домашната сцена, претстојните парламентарни избори, проследени со непроменетите структурни ризици (како отсуство на промена во политиката на планирање и извршување на државните инвестиции), може да донесат извесно забавување на економската активност“, се вели во публикацијата на „Фајнанс тинк“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...