Марш за женски права: Отсрами се и кажи си дека не си виновна

Оваа година се маршираШЕ под слоганот „Ти не си виновна!“, поттикнати од телеграм групата „Јавна соба“.

135

Итно воведување на сеопфатно сексуално образование, заштита и превенција на семејно и родово базирано насилство од институциите, но и стопирање на двојната виктимизација која постои во повеќе институции побараа денеска активистите за женските права кои попладнево маршираа во Скопје по повод Меѓународниот ден на жената – 8 Март.

Маршот традиционално е организиран од Платформата за родова еднаквост, под мотото „Ти не си виновна!“, а како што истакна Калија Димитрова од Хелсиншки комитет за човекови права, целта на денешното марширање е да ја прослават историската феминистичка борба, но и да потсетат дека патот за родовата еднаквост не е завршен.

Тука се, како што рече, да кажат дека жените сакаат, бараат и заслужуваат повеќе.

 

– Јас не познавам ниту една жена која не била жртва на некаков вид на родово базирано насилство или возменирување, тоа е нашата реалност. Обвинувањето на жртвата мора да заврши. Оваа година марширавме под слоганот „Ти не си виновна!“, поттикнати од еден од најодвратните случаи на родово базирано насилство во земјава, односно телеграм групата „Јавна соба“, каде стотици девојки и жени беа изложени на родово базирано насилство, а тоа не беше адресирано како такво во јавноста – рече Димитрова.

 

Мери Цветковска од ХЕРА им порача на сите жени:

 

– Бори се за немоќните, бори се за себе. Бори се за воведување на сексуално образование во училиштата, затоа што еманципирана младина е здрава младина и среќна младина. Бори се против стигмата и табуата, охрабри се, биди емпатична и силна. Отсрами се, врати им го срамот на оние кои им припаѓа и повтори си јас не сум виновна.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...