Заев и Шекеринска: Тандем маж-жена ќе биде носител на листи

Заев најави и дека покрај него, Шекеринска ќе биде носител на пратеничка листа.

639

Во секоја изборна единица СДСМ ќе оди со двајца носители на листи – маж и жена, најавија денеска претседателот на СДСМ Зоран Заев и потпретседателката Радмила Шекеринска на прес-конференција во седиштето на партијата на тема „Родова еднаквост“.

– Ќе имаме двајца носители на листи, двајцата паралелно ќе го покриваат теренот. Тоа е еден нов квалитет, освен бројката од 50 отсто жени ќе имаме по една носителка на листа жена и по еден маж носител.

Заев најави и дека покрај него, Шекеринска ќе биде носител на пратеничка листа.

– Денеска ја продолжуваме постапката околу пратеничките листи, се координираме со коалициските партнери. Можам да објавам дека јас и Радмила Шекеринска ќе бидеме носители на листи, а за другото да ги почекаме органите да одлучат – рече Заев, додавајќи дека на пратеничките листи ќе се види континуитет, но, како што истакна, ќе има и нови ликови.

Шекеринска посочи дека за првпат донеле политички договор претходно, дека во секоја изборна единица ќе настапуваат како тандем, како комбинација на маж кандидат и жена кандидат, или жена кандидат и маж кандидат.

– Со тоа сакаме не само визуелно, туку у и политички да ја испратиме пораката дека за да се промени државата на подобро потребни се сите и дека на тој начин испраќаме порака и до девојчиња и до девојки и до момчиња и млади мажи – дека тоа е новата реалност која ќе ни донесе нов квалитет. Ќе имаме многу носители и носителки на листи без разлика дали е некој прво или второ место, мислам дека тука сите покажавме дека позициите не ни се најважни – дека најважно ни е тоа што ќе го менуваме – истакна Шекеринска.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...