Продолжува доделување субвенции за чистење на оџаците, со цел намалување на загадувањето на амбиентниот воздух, соопшти Град Скопје.
„Со Јавниот повик за субвенционирање на домаќинства и на други субјекти на подрачјето на Град Скопје за чистење оџаци за 2020 година, предвидени се субвенции во нето износ најмногу до 1.200 денари Скопје. До овој момент до Градот Скопје се пристигнати 34 барања за субвенции, а со јавниот повик ќе бидат опфатени исчистените оџаци од 01.01.2020 година, a Јавниот повик трае заклучно со 30.11.2020 година“, се наведува во соопштението.
Повеќе информации за јавниот повик можете да добиете на следната интернет врска – https://skopje.gov.mk/media/4997/javen-povik-cistenje-odzaci-2020.pdf
Град Скопје изминатите две години додели 634 субвенции.
„Целта на овој проект е намалување на загаденоста на амбиентниот воздух во градот, особено со партикуларните честички (ПМ10 и ПМ2,5). Една од поголемите причини за емисија на овие честички е затоплувањето на објектите кои не се приклучени на централно греење, пред се, заради нецелосното и несоодветно согорување на огревното дрво, несоодветниот квалитет на дрвото и начинот на негово чување и употребата на стари, дотраени и технички неисправни печки, како и нередовно чистење и одржување на оџаците. Мерката има цел да постигне краткорочни и некои подолгорочни ефекти, како што се постигнување на подобро согорување, намалување на штетните отпадни гасови, појава на саѓи и трошоците за затоплување, како и подигнување на јавната свест кај граѓаните за потребата за чистење на оџаците“, соопшто Град Скопје.