Коронавирусот стаса и на Малдиви, го нема во Бугарија и во Кипар

Во Италија, европското жариште на епидемијата, во последните 24 часа починале 36 луѓе со што вкупниот број на жртви досега изнесува 233.

606
FOTO MIA

Според последните податоци во светот со новиот коронавирус се заразени 105.625 луѓе, а Бугарија и Кипар се единствените земји – членки на ЕУ без регистрирани случаи.

Од друга страна, првите два случаи на вирусот денеска се регистрирани и на Малдивите. Се работи за двајца вработени во туристичко одморалиште, а се претпоставува дека болеста им ја пренел турист од Италија, кој се вратил во неговата земја, каде тестовите покажале дека е позитивен на новиот коронавирус.

Првиот случај на новиот коронавирус денеска е потврден и на Малта, а станува збор за 12-годишно девојче кое во вторникот се вратило од Италија.

Бројот на новозаразени во Кина за еден ден е помал од 100 за првпат од 21 јануари, соопштија денеска кинеските власти. Националната здравствена комисија објави дека се регистрирани 99 нови инфекции, од кои 74 во покраината Хубеи.

Во Италија, европското жариште на епидемијата, во последните 24 часа починале 36 луѓе со што вкупниот број на жртви досега изнесува 233, додека бројот на заразени лица се искачи на 5.883, соопштија вечерва локалните власти.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...