Снимката со Заев за „Поткуп“ ќе се гледа зад затворени врати во судница

Заев и неговите адвокати уште од почетокот на судскиот процес инсистираа новинарите и останатата јавноста да бидат присутни во судница кога ќе ја пуштат снимката за да можат граѓаните да имаат свој впечаток за тоа што се случувало и за што всушност се разговарало.

435

Апелациониот суд во Скопје одлучи видео-снимката прибавена со Посебни истражни мерки за случајот „Поткуп“ во кој обвинет е премиерот Зоран Заев, да се гледа зад затворени врати односно јавноста да биде исклучена.

Ова значи дека Апелација ја прифати жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција од каде ја поднесоа откако претходно Кривичниот суд одлучи снимката да се пушти во судница во присуство на јавноста.

Заев и неговите адвокати уште од почетокот на судскиот процес инсистираа новинарите и останатата јавноста да бидат присутни во судница кога ќе ја пуштат снимката за да можат граѓаните да имаат свој впечаток за тоа што се случувало и за што всушност се разговарало. Меѓутоа, со одлуката на Апелациониот суд, желбата на премиерот нема да се оствари.

Дел од снимката беше објавена во 2015-та кога Заев јавно ги објавуваше „бомбите“, ноќта кога беше организирано објавување на разговорите во Универзална сала. Заев од тогаш тврдеше дека снимката не е целосно објавена и е извадена од контекст.

Премиерот е обвинет дека во времето кога беше градоначалник на Струмица барал поткуп од 160.000 евра од бизнисменот Иван Николов – Сачавалиев за да му легализира градежно земјиште.

Покрај снимката постојат и телефонски разговори прибрани со ПИ-мерки кои додека се пуштаа во судница, исто така, јавноста беше исклучена.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...