Двајцата странци немаат коронавирус

Негативни се тестовите на двајцата странци, едниот државјанин на Сингапур, другиот на Австралија, кои од 28 февруари престојуваат во Скопје, соопшти попладнево Министерството за здравство.

170

Негативни се тестовите на двајцата странци, едниот државјанин на Сингапур, другиот на Австралија, кои од 28 февруари престојуваат во Скопје, соопшти попладнево Министерството за здравство.

„Денеска по пријава на хотелот, епидемиолозите од Центарот за јавно здравје – Скопје од пациентите земаа брисеви за тестирање во нивната хотелска соба, каде тие останаа до добивањето на резултатите. Тие денеска ќе бидат упатени на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби за третман соодветен на дијагнозата“, се наведува во соопштението.

Од Министерството соопштија дека денеска бил направен и контролен тест на единствената заболена пациентка од коронавирус и на нејзината ќерка, со која таа е во контакт и двете се во изолација на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.

„Тестот на пациентката е негативен на корона вирус, што значи дека опаѓа нејзината инфективност, но согласно процедурата, тој ќе биде повторен по 48 часа. На корона е негативна и нејзината ќерка,“ се додава во соопштението.

Министерот за здравство, Венко Филипче на денешната прес-конференција соопшти дека утрово на редовниот состанок со Комисијата за заразни болести и формираниот комитет за следење и информирање за состојбата со коронавирусот било предложено Владата да ја продолжи препораката за неодржување јавни масовни собири и спортски натпревари без публика, до 13 март. Препораката ќе биде ставена на дневен ред на утрешната седница на Владата.

На барање на Министерството за здравство во соработка со мобилните оператори, сите патници од странство, при влез во нашата држава, ќе добиваат СМС порака со препорака да се јават на телефонскиот број на Институтот за јавно здравје  доколку имаат симптоми на вирусот, независно на кој од четирите оператори ќе се поврзат (Т-Мобиле, А1, Лајка Мобајл и Телекабел).

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...