Од нашиот конзулат во Италија е добиено известување дека има зголемен интерес за враќање на македонските државјани во земјава. Се прават напори тоа да се одвива на организиран начин, со цел да се има подобар увид во ситуацијата, изјави денеска министерот за здравство, Венко Филипче.
Во Италија се затворени сите училишта и универзитети до 15. март поради ширењето на коронавирусот во таа земја, каде досега има 3.089 заразени од новиот вирус.
– Синоќа се слушнавме и со конзулот наш во Италија и во конзулатот има најава, има многу наши државјани на работа таму, а бидејќи не можат да одат на работа поради ситуацијата со коронавирусот, сакаат во Македонија да се вратат. За евентуални поголеми организирани групи оттаму, предложивме да се најават кога доаѓаат кај нас – рече Филипче.
Во Италија се регистрирани вкупно 3.089 заразени од новиот вирус од кои 107 починале, а 276 оздравеле.