Украл паричник во автобус, па пазарел во аптека и подигал пари од банкомат

523

Скопското обвинителство поднесе обвинение против 59-годишен маж за кражба во автобус.

Обвинетиот на 21 јануари, искористувајќи ја турканицата во автобус кој се движел по булеварот „Партизански одреди“, украл паричник во кој се наоѓале 1.200 денари, лични документи, една дебитна картичка во сопственост на оштетената, како и една дебитна картичка сопственост на нејзиниот сопруг со лист хартија на која бил запишан пин-кодот од картичката.

Откако се симнал од автобусот, обвинетиот влегол во аптека и со картичката купил стока во износ од 3.165 денари. Потоа, на банкомат направил седум успешни трансакции и подигнал вкупен износ од 35.000 денари. Со ова, обвинетиот се стекнал со вкупна противправна имотна корист од 39.365 денари.

Надлежниот јавен обвинител, имајќи ја предвид запретената казна за кривичното дело, општествената опасност и зачестеноста на ваквиот вид кривични дела, како и фактот дека обвинетиот е специјален повратник, процени дека во конкретниот случај постои опасност од бегство или криење со цел да се избегне кривичната одговорност. Од тие причини, јавниот обвинител на Основниот кривичен суд Скопје му предложи да ја продолжи претходно определената мерка притвор како неопходна за непречено водење на кривичната постапка.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...