Министерството за здравство информира дека на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби на коронавирус се тестирани тројца патници чии резултати се негативни. Станува збор за македонски државјани, од кои двајца допатувале од Италија и еден од Шпанија.
Министерството наведува дека тие биле тестирани по денешната изјава на министерот Венко Филипче во Куманово, каде што рече дека нема нови пациенти кои во тој момент се тестираат за коронавирусот.
Филипче и премиерот Оливер Спасовски денеска го посетија најфреквентниот граничен премин Табановце, на кој доаѓаат патници од регионот на Северна Италија.
Министерот таму изјави дека припадниците на Министерството за внатрешни работи и царинската служба одлично се справуваат со ситуацијата и целосно се почитува утврдениот алгоритам за контрола на патниците.
Спасовски и Филипче апелираа до сите кои патуваат или ќе допатуваат во нашата земја, точно да одговараат на прашалникот, бидејќи на тој начин го штитат своето и колективното здравје на граѓаните.