Европската Унија ќе се соочи со огромен бран мигранти доколку дозволи влез на било кој од 13.000 луѓе кои сега се наоѓаат на турско-грчката граница, предупреди австрискиот канцелар Себастијан Курц.
– Ако сега подлегнеме на турскиот притисок, доколку претседателот Ердоган излезе како победник кој одлучува дали десетици илјади луѓе ќе влезат во Европската унија, тогаш стотици илјади ќе ги следат – рече Курц на прес-конференција во Виена.
– Ова е турски напад врз ЕУ и врз Грција – рече Курц коментирајќи ја одлуката на турскиот претседател да им дозволи на мигрантите да заминат кон ЕУ, спротивно на договорот меѓу Брисел и Анкара.
Според австрискиот канцелар, „голем број пристигнувања ќе предизвикаат крај на европската безгранична Шенген зона и слободното движење на луѓе во Европа ќе стане историја“.
Австриската Влада претходно одржа работна седница посветена на ситуацијата со сириските бегалци долж границите меѓу Грција и Турција, јави ДПА.
ФОТО: EPA / JULIEN WARNAND