Стилистот Сергеј Варошлија, кој денеска сведочеше во случајот „Рекет“, рече дека со Бојан Јовановски се познаваат 15 години и дека Боки бил многу близок со својата баба Евгенија, која му оставила материјални добра.
– Често патувајќи среќаваше многу познати луѓе од модниот бизнис. Поради својата различност и често беше поканет на разни ревии и промоции. Често му подаруваа парчиња облека зашто го сметаа за инфлуенсен балкански лик – изјави Варошлија, кој рече дека во 1ТВ бил вработен како заштитно лице.
На прашањето на адвокатот на Боки, Сашо Дуковски, дали Сергеј ги познава Ана Камчева и Зоран Милески Кичеец, тој рече дека Ана Камчева му била клиентка, а Зоран Милески го знаел од град. Подобро го запознал во 2018 година кога Кичеец почнал интензивно да доаѓа во 1ТВ.
– Секој ден доаѓаше во телевизијата, а и во домот на Јовановски. Одевме на ручеци, вечери – одговори Варошлија на прашање на Дуковски.
Стилистот раскажа дека Камчева и Милески дошле заедно во телевизијата, а еднаш се разминале во домот на Јовановски.
– На врата во домот на Јовановски се сретнавме, јас излегував, а тие влегуваа – објасни Варошлија.
Бранителот Дуковски го праша сведокот дали во рацете носеле нешто, торба, куфер, а Варошлија одговори дека „ништо не носеле“.
Варошлија претходно раскажа дека тој, Лазар Јанев, синот на Катица Јанева, и Анета Кочишки делеле иста канцеларија, и додаде дека Јанев го водел правниот сектор.