Еден мој пријател неодамна ми ја раскажа авантурата што ја доживеал во супермаркет во Скопје. Накратко и со што помалку зборови ќе се обидам да ви ја пренесам неговата приказна, во прво лице еднина, токму онака како што мене ми беше раскажана.
„И така одам јас во супермаркет за да си купам грав, ми се присака варено гравче со колбавчиња, и кога гледам, на амбалажата не го пишува потеклото на гравот. Испишана беше цената и името на компанијата што го пакувала, но не и потеклото на производот. Веднаш го повикав шефот на супермаркетот и го прашав зошто ни продаваат грав со потекло од Чернобил. Да видиш еј, се вџаши човекот. Зграпчи едно пакување и почна нервозно да ја превртува амбалажата низ прстите, барајќи го озраченото зборче со очите. И одеднаш, ми вели, никаде овде не пишува дека гравот е со потекло од Чернобил. Го прашувам, а од каде е гравов? Па не е од Чернобил, ми вели. Не, не, од Чернобил е, му велам. Ама господине, од каде ви е идејата дека е од Чернобил, ме прашува. А од каде ви е вам идејата дека не е од Чернобил, му возвраќам”.
И да не ја должам премногу, шефот на крајот морал да попушти и да им нареди на вработените веднаш да го отстранат гравот-анонимус од рафтовите. Јако, нели?
Иако на почетокот од расправата шефчето се обидело да го убеди муштеријата дека гравот не е од Чернобил само затоа што на пакувањето не пишувало дека е со потекло од Чернобил, сепак, на крајот бил принуден да го испразни целиот рафт, бидејќи, нормално, не можел да одговори на прашањето – зошто не е од Чернобил?
Налетал на тврд орев, односно на човек кој умее со фактите и кој брзо репетира со умот.
Туку, друг ми беше мене муабетот, иако, морам да признаам дека токму во приказната за гравчето пронајдов инспирација за да ги искоментирам последните политички пукотници помеѓу Зоран Заев и Бујар Османи.
Првиот тврди дека во Струмица не живеат 20 проценти Албанци и дека не треба да бидат поставени двојазични табли на институциите. Вториот, пак, тврди дека таму има 20 проценти албанско население и дека имињата на институциите треба да бидат испишани и на албански јазик. Експремиерот тврди дека 20 проценти Албанци нема ниту во Прилеп и во Велес, а вицепремиерот смета дека има 20 проценти ако се земат предвид албанските жители од околните села.
Чекајте малку, јатрви. Пријателот од погоре сака нешто да ве праша: Колку точно, во цифра, изнесува 20 проценти? А, пак, колку изнесува 100 проценти? Врз основа на кои податоци за бројноста на населението го пресметувате процентот?
Ако немате одговор на ова прашање, тогаш и вие, исто како и гравчето од Чернобил, засекогаш треба да исчезнете од политичките рафтови. Нѐ озрачивте со празни муабети! Ви загоре гравчето…