Љубомир Јосифовски, поранешен пратеник, на својот фејсбук профил се огласи околу кандидатурата на Тито Петковски за единствен кандидат за претседател на НСДП на најавениот конгрес.
Јосифовски тврди дека не ја повлекол сопствената кандидатура за претседател на партијата иако партијата соопшти денеска дека Централниот одбор на НСДП одлучил да го утврди како единствен кандидат Тито Петковски.
„Ниту сум повлекол кандидатура, ниту пак има намера…Тито Петковски на највулгарен начин ја злоупотреби својата позиција“, напиша на својот Фејсбук профил, Јосифовски.
Во изјава за медиумите вели дека на седницата на Централниот одбор имало конфликт, бидејќи тој не се согласил со одлуката.
– Согласно статутот на НСДП секој член има право да бира и да биде избран. Јас поднесав кандидатура пред еден месец и истата беше поздравена од Тито Петковски и од органите на партијата. Кога се соочи со реалноста дека не може да биде избран одлучи да направи радикален чекор и денеска да ги изманипулира членовите на Централниот одбор – вели Јосифовски за „Фокус“.