Тренерот на Вардар, Раул Гонзлаес, го однесе својот клуб втор пат по ред на завршниот турнир во Лигата на шампионите.
Вардар денеска загуби од Кил (27:28), но оди во полуфиналето поради победата во Германија (29:28).
Како што предвиде Шпанецот, Кил се покажа дека има сили за победа во Скопје, но за среќа недоволна да го елиминира македонскиот и актуелен европски шампион.
– Игравме под притисок, но со големата поддршка од трибините успеавме да дојдеме до посакуваниот резултат. Кил играше одлично, горд сум на моите играчи и поради тоа што сум нивни тренер. Сега ни претстои Ф4-турнирот во Келн. Ќе одмориме малку, а потоа ќе можеме да се подготвуваме за она што ни претстои во Келн. Вардар е шампион и треба да ја брани титулата во Келн. Сепак, мораме да бидеме добро подготвени. Таму нема да има фаворити туку ќе мора да се прикаже најдоброто за да се обезбеди победа – изјави Раул на прес конференцијата по натпреварот со Кил.