Синдикатите разединето ќе протестираaт за работничките права

По долги години пауза, синдикален марш организира ССМ и тој ќе почне во 10,30 часот од пред нивната зграда. Конфедерацијата на синдикалните организации пак, протестот ќе го почне во 11 часот пред МРТВ.

142

Сите синдикални организации годинава ќе протестираат на Меѓународниот ден на трудот 1 Мај. Но, наместо заеднички протест кој ќе испрати единствена и моќна порака за заштита на работничките права, протестите ќе се одржуваат одделено, што уште еднаш ја прикажува тажната слика на синдикалното неединство.
По долги години пауза, годинава за протест се одлучи и Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), најголемото синдикално здружение со околу 70.000 членови. За протестот се одлучи новото раководство на чело со Дарко Димовски, додека неговиот претходник Живко Митрески сметаше дека е подобро работничката борба место на улица да се води преку одредени активности.

Синдикален марш на ССМ
Синдикалниот марш што го организира ССМ ќе почне во 10,30 часот, пред зградата на Синдикатот. Во првомајскиот проглас е наведено дека „патиштата се различни, а целта е иста“. Членовите на Синдикатот, но и сите кои посакуваат поголеми работнички права ќе маршираат за: подобар закон за работни односи; повисоки плати; регрес за годишен одмор за сите; подобра социо-економска положба на работниците; сигурни работни места; намалување на сиромаштијата; стоп за работа на црно; здрави и безбедни работни места; стоп за мобинг; подобар општ колективен договор за приватниот и за јавниот сектор; стоп за дискриминација и пристојна работа за сите.
Но, она што во моментов најмногу е во фокусот на вниманието е подготовката на новиот закон за работни односи, кој практично претставува устав за работничките права. Според Димовски, ССМ е вклучен во неговата подготовка.

– Ние сме активно вклучени со свој претставник во работната група за подготовка на нов закон за работни односи. Се залагаме во новиот закон да нема кратење на ниту едно од веќе стекнатите права на работниците, туку со новото законско решение, што е можно повеќе да бидат унапредени- изјави Димовски во интервјуто за „Нова Македонија“.

Според него, ССМ, покрај другото, се залага и за да се намали рокот на договорите за вработување на определено време од пет на две години, повторна примена на законот за работни односи за вработените во јавните комунални претпријатија основани од општините и градот Скопје, потоа изменување и дополнување на Законот за ПИОМ во насока на воведување повеќе услови за пензионирање без зголемување на границата за пензионирање (државна социјална пензија, предвремено пензионирање, ревидирање на регулативата за бенефициран стаж) како и изменување и дополнување на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност и враќање на старото решение за плаќање надоместок од АВРМ најмногу пет години пред пензионирање за лицата на кои ќе им престане работниот однос од деловни причини.

Преку различна маршута до Влада
Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ) прва најави дека годинава ќе организираат синдикален протест. Нивниот претседател Марјан Ристески порача дека не е време за скара туку за борба за работничките права кои се многу загрозени.

– Граѓани, работници, оделете 1-2 часа од вашето време, да го кренеме гласот заедно. Некој, ве уверувам, ќе го слушне. Ако сите молчиме, дозволуваме и понатаму да се кршат нашите права и нашето достоинство. Не постои волшебно стапче за решавање на проблемите, тоа мора заедно да го направиме – рече Ристески.

КСОМ бара комплетна промена на законот за работни односи како и измени на законот за извршување. Барањата истиот ден ќе бидат доставени до Владата и надлежните институции.

Исто така, оттаму нагласија и дека повторно го отвораат прашањето за исплата на К-15 за администрацијата. Ристески обвини дека само двата репрезентативни синдикати – ССМ и Конфедерација на слободни синдикати се вклучени во преговорите со Владата, а според него „тие многу често забораваат на работничките права“.
КСОМ првомајскиот марш ќе го почне во 11 часот пред МРТВ, но и како маршутата на ССМ, и нивната ќе заврши пред Владата.

За 1 Мај, покрај синдикатите, протести организираат и граѓански здруженија, како и политичката партија Левица која протестот ќе го почне во 11 часот пред „Југодрво“.

Објавено во Слободен печат

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...