Опозициската ВМРО-ДПМНЕ тврди дека министерот за здравство Венко Филипче, заедно со сопругата, нејзините родители и газдата на фирмата „Синерџи“ – Горан Филипов, се сосопственици на 11 катастарски парцели во скопската населба Нерези, со вкупна површина од 13.506 метри квадратни.
Партискиот портпарол, Наум Стоилковски на денешната прес-конференција рече дека согласно урбанистичкиот план, за споменатите локации е предвидена намена А4, односно времено сместување, а дека Филипче и останатите градат семејна куќа.
– Под времено сместување се подразбира градби на хотели, мотели, викендици, старски домови и други објекти за времено сместување. Ова, пак, е дијаметрално спротивно со истакнатата табла пред објектот што се гради и на која стои дека се гради семејна куќа. За семејна куќа треба да стои намена А1 – обвини Стоилковски.
Опозицијата тврди дека министерот Филипче и сопственикот на „Синерџи“ со години споделуваат заеднички имоти, влегуваат во заеднички инвестиции, а Филипче му одобрува тендери.